„Дрисла“ со нов концесионер по завршување на претседателските избори – прекината седницата на Советот на Град Скопје

30

На барање на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, денешната 30-та седница на Советот на Град Скопје беше прекината. На седницата требаше да се побара зелено светло од советниците за избор на нов концесионер за депонијата “Дрисла”. Шилегов образложи дека седницата ќе се одржи по завршувањето на претседателските избори.

– Изминатиов период многу внимателно ја анализиравме целокупната состојба со проектот „Дрисла“, при што извршивме увид во целосната постапка од нејзиното почнување, па се до последната судска пресуда. Предмет на анализа беа процесите, постапките и евалуациите кои биле вршени, при што се пронајдени сериозни аномалии. Пред вас е доставена одлуката, која е недвосмислена и која вели дека Градот Скопје треба да го има Конзорциумот предводен од „Шолц АГ“ за партнер во „Дрисла“ – објасни Шилегов.

Тој изјави дека е подготвен кога ќе се отвори дебатата целосно да ја објасни анализата, за тоа каде се направени грешки во минатиот процес и евалуациите, како и зошто е заглавен целиот процес онолку колку што е.

– Она што е извесно е дека конечно Град Скопје ќе добие капацитет и депонија како што доликува, а пред се капацитет што ќе остварува приходи. Сакам процесот целосно да го извадиме од правните контроверзии што го следат од самиот почеток. Во моментот кога ја доставивме оваа точка пред вас, се појавија некои дилеми, а бидејќи се распишани избори за претседател, јас предлагам да ја прекинеме седницата и изборот да го извршиме веднаш по завршувањето на изборите – рече Шилегов.

Тој напомена дека е даден налог на службите за постапка за раскинување на договорот со конзорциумот “ФЦЛ Амбиенте СРЛ” и “Униеко” од Италија, како и дека во периодот додека не се избере нов концесионер Град Скопје ќе го преземе управувањето со ЈП „Дрисла“.