Државата ќе субвенционира придонеси за плати покачени од 600 до 6.000 денари

Мерката ќе се применува од 1 ноември, односно ќе стартува со исплатата на октомвриската плата и ќе трае три години, до 31 октомври 2022 година. За субвенционирање на придонесите на зголемените плати до крајот на оваа година во државниот буџет се одвоени 6,5 милиони евра

142

Почнувајќи со исплатата во октомври, работодавците ќе можат да ги зголемуваат платите на своите вработени без да плаќаат придонеси за додадениот дел. Според нацрт-законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, државните субвенции на придонесите стартуваат од 1 ноември, а ќе можат да ги користат само активните фирм, кои не се во постапка на стечај, ликвидација или бришење од регистарот и не должат за плати и придонеси. Оваа мерка ќе биде во примена три години, односно до 31 октомври 2022 година.

Нацрт верзијата на законот предвидува од државниот буџет за оваа намена до крајот на годинава да се потрошат 6,5 милиони евра, но поставува и лимити на суми кои се субвенционираат. Така, работодавците ќе бидат ослободени од плаќање придонеси само за делот на зголемувањето, ако тој не е помал од 600 денари и поголем од 6.000 денари. Не е предвидено субвенционирање на придонесите за зголемување на платите на сите вработени туку на оние кои ќе ги одреди работодавецот и ќе ги означи во пресметката за плати што ќе ја достави до Управата за јавни приходи.

Вакви субвенции не можат да користат органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани со Устав и со закон,  институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната детската заштита, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Северна Македонија или од општините, од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје. Исто така, не важат ниту за работодавците кои за некои од работниците веќе имаат ослободување од плаќање придонеси согласно закон, за период додека го користи ослободувањето, како и работодавци кои користат субвенција на плата преку Оперативниот план за активни програми и мерки за  вработување или добиваат финансиска поддршка за нови вработувања преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Тие може да аплицираат за новата мерка дури откако ќе престанат да добиваат средства од државата според другите закони.

Овие нови државни субвенции се надеж за вработените кои дел од платата примаат во кеш, дека работниот век нема да го завршат со минимална пензија. Според анкети на невладини организации плата во плик прима секој петти вработен во државата кој има договор за работа. Неодамнешна анкета на Фајнанс тинк покажа дека 23,2 проценти од мајсторите во металната, машинската, текстилната и прехранбената струка и 21,5 проценти од вработените во услужните дејности примаат плата во плико. Сепак, овој начин на исплата е најзастапен кај работниците во градежништвото, со дури 28 проценти.

Од Владата проценуваат дека ефектите од субвенционирањето на социјалните придонеси ќе бидат многу поголеми, односно позитивно ќе влијае на вкупната економија. Се оценува дека оваа мерка ќе придонесе за подобрување на работењето на деловните субјекти, на зголемување на квалитетот во работењето, на продуктивноста, ќе ги зголеми вработеноста и платите на подолг рок, а ќе предизвика и поголем економски раст и развој на државата.

Министерството за труд и социјална политика нацрт-законот го објави на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), каде што заинтересираните можат да даваат коментари во наредните 17 дена.

(С.В.)