Древните свитоци оштетени од ерупцијата на Везув ќе бидат прочитани

86

Кога вулканот Везув еруптирал во 79 година од нашата ера, тој оставил пустош зад себе. Илјадници луѓе загинале, градбите биле урнати, а голем дел од непроценливото богатство било уништено и изгубено засекогаш.

Меѓу нив е извонредната библиотека на свитоци во Херкуланум, за кои научниците сега мислат дека можат да ги прочитаат со помош на најновата технологија.

Британските научници ги искористија моќните светлосни зраци за да ги дешифрираат кревките свитоци постари од 2000 години, во процесот со кој се надеваат дека ќе обезбедат нови сознанија за древниот свет.

Двата целосни свитоци и четири фрагменти – т.н. свитоци од Херкуланеј – биле затрупани и карбонизирани во смртоносната ерупција на Везув во 79 година и се премногу кревки за да се отворат.

Свитоците биле откриени во урнатините во 1752 година. Иако научниците успеаја да отворат дел од свитоците, повеќето од нив сè уште ги кријат своите тајни, затоа што дури и најмал допир ќе ги претвори во куп бескорисна прашина.

Тие биле проучувани во фабриката Diamond Light Source во Оксфордшир, во домот на британскиот синхотрон, забрзувач на честички што произведува светлина многу посјајна од сончевата.

„Идејата е во основа нешто како скенирање…“, рече Лорен Чапон, директор во „Diamond Light Source”.

„Ние ги осветлуваме (свитоците) со многу интензивна светлина и потоа откриваме низа дводимензионални слики од другата страна. Од ова, го реконструираме тродимензионалниот изглед на предметот … за да го прочитаме текстот без да го оштетиме“, објаснува Чапон.

Мастилото на свитоците е тешко да се види, дури и преку синхротронот, бидејќи е базиран на јаглерод, како и папирусот на кој е напишан. Сепак, научниците се надеваат дека густината на хартијата ќе биде различна на деловите на кои е напишано нешто.

Скенирајќи ги фрагментите каде што текстот е видлив, тие се надеваат дека ќе можат да го дешифрираат она што е напишано на нив.