„Диши“ е современа, длабоко интимна, истовремено универзална и еколошка – глобална драма. Lungs (бели дробови), низ повеќе животни циклуси на љубовната врска, на духовит и прониклив начин, го следи релативно младиот пар М и Ж (M&W) додека контемплира на различни прашања за смислата и бесмисленоста, за надежта и предавствата, за промените и за смртта, за создавањето на нов живот и за крајот на светот

Драмски театар Скопје со претставата „Диши“, на 16 август ќе гостува на Бриони, Хрватска, во рамки на летното издание на фестивалот на Регионалната унија на театри, РУТА. Претставата ќе биде изведена на големата сцена на театарот „Ulysses“.

Текстот „Диши“ (бели дробови) на Данкан Макмилан е напишан во 2011 година. Режисер на претставата е Димче Николовски, а драматург Александра Бошковска. Преводот го направи Благоја Бошковски. Сценографијата е на Илија Николовски, а костимограф е Раде Василев. Улогите во претставата ги толкуваат Јасмина Василева и Димитрија Доксевски. Премиерно на сцената на Драмски театар беше изведена на 29 декември, 2020 година.

„Диши“ е современа, длабоко интимна, истовремено универзална и еколошка – глобална драма. Lungs (бели дробови), низ повеќе животни циклуси на љубовната врска, на духовит и прониклив начин, го следи релативно младиот пар М и Ж (M&W) додека контемплира на различни прашања за смислата и бесмисленоста, за надежта и предавствата, за промените и за смртта, за создавањето на нов живот и за крајот на светот.

Актерите Јасмина Василева и Димитрија Доксевски за „Диши“ истакнуваат дека претставата навигира низ сите горепоставени прашања, толкувајќи ги токму во „еден здив“ преку експериментирање со минималистички актерски израз зададен од самиот автор. Оваа драма е напишана за да се изведе на празна сцена. „Нема сценографија, нема мебел, нема реквизити и нема беспредметно дејствие. Нема промена на костими. Не би требало да се користи светло и звук за да се укаже на промена на времето или просторот“ – велат актерите.

Според режисерот Николовски, претставата „Диши“ претставувала предизвик при подготовката бидејќи не можела да се реализира без сериозно истражување на повеќе области при сценската реализација. „Секое истражување мора во себе да содржи и преиспитување. Диши како да живее низ преиспитување. Прекрасен процес, супер соработници, едноставно уживање. Се надевам дека и публиката ќе почувствува барем еден дел од тоа наше уживање“, ќе истакне режисерот по премиерата.

Со претставата „Диши“, Драмски театар Скопје гостувал во Сараево во рамки на фестивалот РУТА и во Приштина на Интернационален театарски фестивал.

Драмски воедно соопшти дека подготовките за есенското издание на РУТА, што ќе се одржува во Скопје од 15 до 20 октомври се во тек, a за љубителите на театарот најавува уште едно одлично издание на фестивалот.