Јован Стрезовски, Панде Манојлов, Зоран Пејковски и Катица Ќулавкова се добитници на годишните награди на Друштвото на писателите на Македонија за најдобри книжевни остварувања во 2019 година.
Наградата за проза „Стале Попов“ му е доделена на Стрезовски за збирката куси раскази „Чувар на тајни“,Манојлов за стихозбирката „Јужни реки“ е добитник на наградата за поезија „Ацо Шопов“, наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади ќе ја добие Зоран Пејковски за пиесата за деца „Мали детски разговори“, а лауреат на наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика и есеј е Катица Ќулавкова за книгата „Поредокот на слободата: интерпретативен синкретизам“.
Наградените ДПМ ги соопшти вчера, а признанијата ќе им бидат врачени на 13 февруари напладне на свеченост што Друштвото на писателите на Македонија ја организира по повод годишнината од основањето (13 февруари 1947).