Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“ објави конкурс за новосоздадени бајки за проектот „Современи бајки од Македонија“ што ќе трае до 17 август 2020. На конкурсот може да се пријават сите автори кои сакаат да творат за најмладите.

Според условите на конкурсот, авторите треба да испратат текст со најмногу 6.500 карактери или 1.200 зборови што одговараат на три и пол страници во „Ворд“ (MS Word). Авторите треба да имаат предвид дека победничките бајки ќе се илустрираат, така што текстот треба да биде соодветен за натамошна креативна илустрација. Заинтересираните автори можат да конкурираат со своја автентична бајка или, пак, со креативна адаптација и прераскажување бајки од фолклорната традиција. Пристигнатите бајки не смеат да бидат претходно објавувани.

Заинтересираните автори треба да ги пратат своите бајки на адресата bravosine@arslamina.com најдоцна до 17 август 2020, а конкурсот е објавен на www.bravosine.mk, www.arslamina.com и www.literatura.mk.

Поединечната награда за откуп на авторските права за една бајка ќе изнесува 25.000 денари. По завршување на конкурсот сите пристигнати текстови ќе бидат оценети, а до крајот на септември 2020 ќе бидат објавени избраните бајки.