До средината на декември ќе се исчистат 27 диви депонии

199

До средината на овој месец треба да се исчистат 27 диви депонии на територијата на целата држава. Акцијата ја финансира Министерството за животна средина и просторно планирање и се очекува да се исчистат, подигнат и транспортираат околу 32.381 кубни метри отпад.

– Отпадот од 10-те диви депонии што се наоѓаат во општина Росоман во количина од вкупно 1.320 кубни метри се собира и се транспортира до депонијата „Тенеќе Жица“ во село Росоман. Потоа се чисти отпадот од три диви депонии во општина Шуто Оризари и шест диви депонии во општина Сарај во количина од вкупно 6.520 кубни метри и се транспортира до депонијата “Дрисла“. Во Полошкиот Регион се чисти отпадот од дивите депонии на две локации и тоа во општина Боговиње од населените места Камењане и Чифлик“, како и во општина Врапчиште во Пропадиште – Градечки мост во количина од вкупно 9.500 кубни метри. Истиот се транспортира до депонијата во гостиварско Русино – информираат од Министерството за животна средина.

Чистење и транспорт на отпадот од 10 диви депонии се спроведува и во општина Дебар, при што отпадот во количина од вкупно 5.471 кубни метри се транспортира до депонијата „Градска Депонија“ на локалитетот Кривци, Дебар, која е оперирана од страна на јавното претпријатие на општината.

Во општина Струмица се чисти отпадот од две локации во општина Струмица (Муртино и корито на река Тркајна) и истиот во количина од вкупно 9.570 кубни метри се транспортира до депонијата Добрашинци, општина Василево, која се оперира од страна на јавното претпријатие на општина Струмица.

– Активностите имаат за цел отстранување на нелегално депонираниот комунален отпад во овие општини, расчистување и порамнување на локациите од каде бил отстранет и транспорт на отпадот на контролирани локации за депонирање на отпадот. Овие локации иако не ги исполнуваат условите за стандардни депонии, сепак во моментов се користат и се контролирани локации од страна на општините. Отстранетиот отпад на контролираните локации ќе биде компактиран и покриен, со што ќе се минимизира неговото фугитивно влијание врз животната средина – велат од ресорното Министерство.