До почист воздух со искористување на обновливите извори на енергија

153

Единствен начин ефикасно да се справиме со аерозагадувањето е реализирање на долгорочните планови од страна на локалните самоуправи и државата, за што веќе се направени или ќе се прават законски измени што ја тангираат оваа проблематика. Ова го истакна Ана Петровска, државен секретар во Министерството за животна средина на тркалезната маса „Состојби, предизвици и перспективи за решавање на проблемите со аерозагадувањето во Скопскиот Плански Регион“, а на која се анализираа актуелните состојби со аерозагадувањето преку подобрување на енергетската ефикасност на објектите и искористување на обновливите извори на енергија.

– Правиме законски измени со кои ги намалуваме праговите за алармирање за аерозагадувањето и прогласување на мерките што ќе бидат обврзувачки за општините и за државата. Им даваме можност на општините без дозвола од Министерството за животна средина да ги реализираат краткорочните мерки за аерозагадувањето. Го воведуваме и принципот на локализација, а тоа значи дека во деловите каде има високи концентрации на штетни честички да се активираат построги мерки против аерозагадувањето. Исто така, го насочуваме граѓаните да купуваат возила со помали мотори, бидејќи со користење на помалку гориво ќе се емитуваат и помалку загадувачки супстанци. Ќе им помогнеме на оние што сакаат да градат фотоволтаици и да ја подобрат енергетската ефикасност на домовите. Исто така, треба да ги стимулираме луѓето да пешачат и место автомобили, да користат алтернативни превозни средства – напомена Петровска.

Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, истакна од година в година свесноста кај граѓаните на тема аерозагадување расте.

– Ние како власт на локално, градско и на централно ниво треба да направиме интересот на граѓаните за аерозагадувањето да се канализира најправилно. Бидејќи ваков проблем можат заедно да го решат сите институции, невладин сектор и бизнис сектор, медиуми. Од страна на општина Карпош прилично е направено во изминатите две години на тема загадување, но тоа не е доволно и може да се направи многу повеќе бидејќи проблемот тлее. Верувам дека сите заедно ќе успееме по неколку години да добиеме чист воздух и во општина Карпош и во градот и во нашата држава – рече Богоев.

Тој посочи дека инспекторите за животна средина не можат да влезат во приватен дом и да направат контрола како се врши затоплувањето.

– Општински инспектор нема дозвола да ви влезе дома и да провери дали се греете на дрва или не. Имаме десет нови комунални редари и честопати интервенираат на палења на отворено. Посериозен напредок имаме и во делот на хигиената. Тука ни требаат и граѓаните почесто да пријавуваат. Има населби со прилично одговорни граѓани и често пријавуваат – рече Богоев.

Тој се осврна на неколкуте диви депонии на територијата на општина Карпош кои беа често палени, но сега се исчистени.

– Имавме депонии со градежен шут, стари и по 50 години, од времето по земјотресот во 1963 година кога се расчистувале урнатините и таму се фрлало. Сега тие локации се исчистени. Исто така, освен основното училиште „Аврам Писевски“ во Бардовци, веќе нема објекти под надлежност на општината што се затоплуваат со нееколошки горива – нагласи Богоев.   

(С.Бл.)