До Нова Година диносауруси ќе “шетаат” по скопската Зоолошка  

115

На веб сајтот на Бирото за јавни набавки е објавена информација дека на 19-ти минатиот месец е склучен договор со фирма од Струга која ќе го изгради Дино Јура паркот во рамките на Зоолошка градина во период од два месеци. Вредноста на склучениот договор со оваа фирма со вклучен ДДВ изнесува 8.537.213 денари (139.000 евра). Повеќе детали околу реализацијата на овој договор ќе кажат надлежните на Зоолошка градина утре на прес-конференција

 

Скопската Зоолошка градина до Нова Година би требало да добие Дино Јура парк. На веб сајтот на Бирото за јавни набавки е објавена информација дека на 19-ти минатиот месец е склучен договор со фирма од Струга која ќе го изгради Дино Јура паркот во рамките на Зоолошка градина во период од два месеци.

Станува збор за Трговското друштво за градежништво, трговија и услуги Али Хиса БАУ ХАУС од Струга ДООЕЛ чија понуда (од двете пристигнати) на јавната набавка била најниска.

Вредноста на склучениот договор со оваа фирма со вклучен ДДВ изнесува 8.537.213 денари (139.000 евра). Повеќе детали околу реализацијата на овој договор ќе кажат надлежните на Зоолошка градина утре на прес-конференција.

Информацијата дека една од главните светски атракции ќе ја има и во Скопје, беше обелоденета кон крајот на минатата година. Портпаролката на Зоолошка градина Скопје, Тина Мицковска тогаш информира дека замислата е да се реализира проект за Дино парк најрано од пролет 2019 година.

– Станува збор за авантуристичка атракција со 50 диносауруси во природна големина кои испуштаат крици и се движат и кој би бил во рамките на Зоолошка градина. Во преговори сме околу изведбата на паркот, како и со потенцијални спонзори кои што ќе го потпомогнат проектот, вклучително и градот Скопје кој треба да ни даде поддршка – тогаш изјави Мицковска за весникот “Вечер”.

Вакви слични тематски Јура паркови има во големите светски и европски метрополи. Во наша близина ги има во Белград и на Златибор – соседна Србија, како и во Словенија.

– Редно е и Скопје да добие Дино атракција, како и едукација за најголемите животни кои некогаш постоеле на планетата – вели Мицковска.

Дино паркот во Белград беше отворен на лани на 4 април на тврдината Калемегдан. Паркот го посетуваат од сите генерации, но пред се е наменет за најмладите во нивното воведување во светот на науката преку 35 реплики на диносауруси во природна големина, меѓу кои и подвижни рептили од праисторијата кои испуштаат звуци.

Во придружба со аниматори кај младите белграѓани се развива фантазија како изгледала планетата кога овие џинови владееле со неа. Најхрабрите деца го јаваат својот омилен диносаурус и се фотографираат во устата на Т-рексот, а на јаже ги шетаат диносаурусите.