Донирај ја својата коса и стани херој на дете болно од канцер!

387

Децата кои се лекуваат на хемато-онколошкото одделение при Детската клиника во Скопје се во тешка здравствена состојба кои, покрај лекувањето имаат и други проблеми, како што е опаѓањето на косата. Со цел да им се помогне во подобрување на нивната психолошка состојба, од Здружението САНО, составено од родители и пријатели на децата лекувани од рак и нивните семејства, спроведуваат еден проект „И вистинските херои носат перика“, во чии рамки се одвива акцијата „Донирај ја својата коса и стани нечиј херој“, која наиде на голем одѕив кај граѓаните.

Од донираните коси ќе се изработуваат перики од природно влакно кои потоа ќе им бидат дадени на децата чија коса паднала поради третманите при лекувањето. Претседателката на САНО, Марија Тасев, вели дека засега се пријавени околу 250 граѓани, а пристигнати се 120 коси

Децата кои се лекуваат на хемато-онколошкото одделение при Детската клиника во Скопје се во тешка здравствена состојба кои, покрај лекувањето имаат и други проблеми, како што е опаѓањето на косата. Со цел да им се помогне во подобрување на нивната психолошка состојба, од Здружението САНО составено од родители и пријатели на децата лекувани од рак и нивните семејства, спроведуваат еден проект „И вистинските херои носат перика“, во чии рамки се одвива акцијата „Донирај ја својата коса и стани нечиј херој“, која наиде на голем одѕив кај граѓаните.

 

Претседателката на САНО, Марија Тасев, вели дека вакви акции се спроведуваат речиси во сите развиени земји.

– Во последно време многу хумани граѓани не контактираа дали може кај нас да ја донираат својата коса за нашите дечиња. Од друга страна, ова е веќе долго очекувана потреба. Покрај сите предизвици и финансиски трошоци со кои се соочуваат родителите на децата болни со канцер, ова е дополнително нешто кое ние сакавме да им го овозможиме, со цел, да им го олесниме барем малку процесот на лекување – вели Тасев.

Акцијата на САНО за дарување коса од почетокот е поддржана од министерот за здравство, Венко Филипче и од директорката на Детската клиника, Аспазија Софијанова, а хуманоста на дело секојдневно ја покажуваат многу девојчиња и девојки за што сведочат постојаните објави на фејсбук-страницата на САНО каде што се прикажуваат донаторите кои решиле да си ја скратат косата и да ја подарат. Донации има и од фризерски салони кои собирале плетенки со цел да ги донираат.

– Секој што има желба да ја донира својата коса, а притоа истата достигнува барем 20 сантиметри, да е природна и не е фарбана, можат да не контактираат нас на нашите социјални медиуми: фејсбук САНО и инстаграм sano.ngo, или пак, на броевите оставени на самиот постер. Откако ќе контактираат во зависност од тоа дали се од Скопје или од внатрешноста од Македонија, ќе им ја дадеме адресата за карго, или пак, лична достава – вели Тасев.

Првата донација на коса до САНО пристигнала од Гордана Димовска и како што вели Тасев, достигнуваше неверојатни 50 сантиметри. Од почеток на акцијата до сега пристигнати се 120 коси.

– Ние отсекогаш сме имале голем интерес за нашите проекти, па оваа акција не беше исклучок. Многу хумани граѓани од сите возрасти се пријавија да ја донираат својата коса, меѓу кои и многу мали девојчиња кои по своја желба, откако родителите ќе им ја објаснат намената, одлучуваат дека сакаат да ја донираат својата коса и да им помогнат на другарчињата во болница, за да им ја вратат насмевката на нивните лица. Некои претходно донирале во Холандија, некои пак сега првпат ја кратат својата коса само за да ја донираат. Засега се пријавени околу 250 граѓани, а пристигнати се 120 коси – нагласува Тасев.

Вели дека САНО има соработка со неколку салони во Скопје и во други градови низ Македонија, а акцијата се одвиваше во континуитет и за време на пандемијата со коронавирусот.

– На нашиот фејсбук-профил може да ги пронајдат сите салони кои по своја волја се пријавија да ги стрижат бесплатно сите оние кои сакаат да ја донираат својата коса. Дистрибуцијата на косите се одвиваше непрекинато и за време на пандемијата, иако во отежнати услови, но косите ни пристигнуваа(т) или по карго, или лично ни ги доставуваа(т) – објаснува Тасев.

За изработка на една перика во зависност од должината потребни се од 200, 300 до 500 грама коса. Плетенка до должина од 50 сантиметри тежи околу 100 грама, но таа подлежи на доработка и грамажата се намалува се додека да се стигне до здрави влакна.

– Периките ќе ги изработува Јасмина Бановиќ, од Белград, која веќе учествувала во ваков проект за изработка на перики за децата во Србија. На наше големо задоволство прифати да се вклучи во нашиот проект и да изработи перики за дечиња кои се лекуваат на хемато-онколошкото одделение при Детската клиника во Скопје – вели Тасев.

Самиот процес на изработка на една перика е тежок и комплициран, трае од 3 недели до еден месец во зависност од должината и дали има доволна грамажа на коса за да се искористи за да биде на изглед убаво.

Досега родителите чии деца се лекуваа на клиниката се снаоѓаа, но периките се со доста голема цена, ретко кој може да си ги дозволи. Кај нас можат да се најдат перики од вештачко влакно, а родителите се снаоѓаат со носење на капи, или марами, колку што можат да им ја дадат самодовербата на децата кога во процесот на лекување ја губат косата.

– Како и за сите проекти што ги правиме главен поттик и предизвик ни се децата во болница. Враќањето на нивната самодоверба е нашата клучна цел, а се разбира и периката има голем удел во тоа. Исто така сакам да апелирам и да ги повикам сите општествено одговорни компании да го поддржат овој проект, со цел за враќање на насмевката на детските лица – потенцира Тасев.

Таа вели дека чувството е бесценето кога некое детенце кое ја победило тешката болест, излекувано заминува дома.

– Неизмерната радост и среќа чувствуваме кога ќе го слушнеме звукот на ѕвончето на Детската клиника не може да се опише со зборови. Ѕвонењето на ѕвончето означува крај на оваа макотрпна и тешка битка со канцерот. Среќата се гледа и на лицата на другите родители и дечиња, кои се уште се лекуваат бидејќи тоа им дава верба и надеж дека еден ден ќе заѕвонат на тоа ѕвонче, чиј звук ќе одекне низ целата болница и ќе го означи крајот на нивното лекување – вели Тасев.

(С.Бл.)    –   Фото: Н.Батев