Домашните компании треба да тропнат на вратата на странските инвеститори и да прашаат што им треба

Соработката меѓу домашните и странските компании е многу важен фактор за развој на стопанството о државата. Не станува збор само за финансиски придобивки туку и за нефинансиски придобивки, како пренос на знаење и нови технологии, а една од главните причини е дополнителна вредност на производите

85

Домашните компании треба да ја подобрат соработката со странските инвеститори, а тоа ќе влијае на зголемување на зголемување на нивната продуктивност, вредноста и квалитетот на производите. Ова е целта на проектот „Зголемување на конкурентноста на домашните мали и средни претпријатија со цел подобрување на нивната соработка со странските инвеститори“, финансиран од Европската комисија.

Според претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Питер, домашните компании треба да тропнат на вратата на странските инвеститори и да прашаат што треба да направат за нив.

-Малите и средни претпријатија се ′рбетот на една економија, а странските директни инвестиции се повеќе од шлагот на тортата во една држава. Тоа е така во Германија, во Австрија и во Северна Македонија. Тие се многу важен фактор за развој на стопанството о државата. Не станува збор само за финансиски придобивки, туку и за нефинансиски придобивки, како пренос на знаење и нови технологии. И токму затоа логично е дека треба да се воспостави врска помеѓу домашните претпријатија и странските инвеститори, а една од главните причини е да се создаде дополнителна вредност на производите, изјави Питер.

Тој додаде дека во бизнисот ништо не доаѓа без пари, па така и за ваква соработка мора многу да се работи. Тој наведе седум добри примери на успешна соработка меѓу домашните и странските компании која треба да биде охрабрување за останатите да ја следат.

-Домашните компании мораат да чукнат на вратата на странските компании и да прашаат што можат да направат за нив. Не може бизнисот да чукне на нивните врати и да праша што може да направи за нив. Тоа е како два соседи кои што живеат еден до друг, но не зборуваат меѓу себе. Никогаш нема да ги разберат меѓусебните потреби или побарувања. Се започнува со првиот чекор, а тоа е комуникацијата, вели Питер.

Секој странски инвеститор во Македонија работи со некоја македонска компанија, но тоа е повеќе во придружните бизниси, но за странските инвеститори ова не е доволно, бидејќи тие сакаат да ги вклучат во нивните бизниси како добавувачи.

Фрег Јанмаат, раководител на економскиот оддел на делегацијата на ЕУ во Македонија, смета дека потенцијалот на компаниите во Северна Македонија не е доволно искористен. Ова е еден од клучните предизвици на економијата на Северна Македонија

-Македонските компании можат да ја подобрат конкурентноста преку соработка со странски компании. Видовме дека една од главните политики на сегашната и на претходната влада е привлекување на повеќе странските директни инвестиции. Можеме да кажеме дека овие политики на двете влади беа успешни, но врските меѓу домашните и странските компании останаа слаби. Ова е една од причините поради која го спроведуваме овој проект и сакаме да видиме што може да се направи да се подобрат односите меѓу домашните компании и странските инвеститори, вели Јанмаат.

Според него потребно е да се направат повеќе реформи, во образованието, владеење на правото, како и подобрување на квалитетот на домашните производи во согласност со меѓународните стандарди. (А.С.)