Домашната картичка ќе ги зголеми потрошувачката и прометот со домашни производи, а ќе го намали падот на економијата

Симулации на Министерството за финансии покажуваат дека проектираниот економски пад од 2,7 отсто во третиот квартал картичката ќе го ублажи за 0,7 до 0,9 процентни поени. Последната година за домашни производи граѓаните потрошиле 10,8 милијарди, а за увозни 19,7 милијарди денари

527

На домашни производи македонските граѓани годишно трошат нешто над 10 милијарди денари, додека прометот со странски производи е речиси двојно поголем.

Со издавањето на домашната платежна картичка која треба да ја добијат 320.000 граѓани овој сооднос, а можеби и навиките на граѓаните, барем за кратко, треба да се сменат. Се очекува прометот со домашни производи и услуги за што е наменета платежната картичка да се зголеми за речиси три парти, со оглед на тоа што во нејзиното издавање се вложени 28 милиони евра.

Оваа финансиска инјекција, која е дел од третиот сет владини антикризни мерки ќе ја зголеми не само приватната потрошувачка, особено на домашни производи и услуги, туку ќе го амортизира и економскиот пад, смета министерката за финансии Нина Ангеловска.

Во Министерството за финансии правени се симулации кои покажале дека благодарение на картичката во третиот квартал економскиот резултат ќе биде подобар за 0,7 до 0,9 процентни поени.

-Согласно проектираниот пад на БДП од 3,4 отсто на годишно ниво во основното сценарио, во третиот квартал зборуваме за проектиран пад од 2,7отсто. Со направена симулација ако овие 28 милиони евра се влеат во економијата, точно како што е наменето во тие сектори за домашни производи и услуги, може да го ублажиме падот од 0,7 до 0,9 процентни поени, појасни во телевизиско гостување Ангеловска.

Со оглед на тоа што приватната потрошувачка во бруто домашниот производ учествува со 65 отсто, вели таа, целта на мерката е да се стимулира економската активност.

Според неа, нашата држава не е единствена која во денешните услови презема слични мерки за стимулирање на економијата. За пример ги дава Австрија, Словенија, Кина, САД, кои, како што вели, на свој начин ја спроведуваат мерката за давање поддршка на граѓаните за зголемување на потрошувачката и за поттикнување на економијата во фазата на нејзино реотворање и враќање на довербата на граѓаните во објекти што беа затворени и немаа никаква економска активност.

Анализата на Управата на јавни приходи на мерката за поврат на ДДВ на граѓаните која се спроведува една година, индиректно покажува колкав би бил ефектот на домашната платежна картичка врз опоравувањето на домашните производни и услужни дејности. Така, од јули лани, до средината на овој месец, преку апликацијата МојДДВ регистриран е промет на домашни производи од 10,8 милијарди денари, а на увозни од 19,7 милијарди денари.

Според податоците од УЈП, во јули, август, септември и октомври лани прометот со домашни производи се движел околу 700 милиони, а од декември минатата година до април годинава се потрошиле над една милијарда денари. Странски производи најмногу трошеле во јули, октомври, февруари и март, како и во јуни. Во одредени месеци за купување производи од увоз се трошеле и над шест милијарди денари.

Преку мерката МојДДВ, која стартуваше во јули минатата година до март годинава на граѓаните им е извршен поврат на ДДВ од 10,7 милиони евра, а сега и оваа мерка се става во функција на зголемување на прометот со домашни производи и услуги. Од неодамна, наместо 15 проценти од вкупниот ДДВ од скенираните сметки, на граѓаните им следуваат 15 проценти поврат на данокот за домашните производи и услуги и 10 проценти за странските.

Од вкупно 320 илјади домашни картички што ќе ги добијат невработени, корисници на социјална помош, вработени со ниски примања, ученици, студенти и медицински работници, досега банките поделиле над 60.000 со 11 милиони евра. Со нив веќе се пазарува. Во маркетите за полесно снаоѓање на купувачите со домашна картичка домашните производи се наредени во посебни полици или се означени со налепници „Купувам домашно“. Картичките може да се користат во хотели, одморалишта, туристички агенции, угостителски објекти, ресторани, супермаркети, продавници за храна, пилјарници, пекарници, мебел, производи за домаќинство, книжарници, спортска опрема, облека, аптеки, салони за убавина, фризерски салони… Може да се користат и во онлајн продажбата преку интернет-страници каде исто така трговците имаат обврска посебно да ги издвојат македонските производи и услуги и да ги означат со „Купувам домашно”, како и да постават известување на видно место на насловната страница на интернет-страницата. Додека маркетите веќе си ја завршија обврската, тоа го направија само дел од онлајн продавниците.

Домашната платежна картичка сите граѓани кои ги исполнуваат критериумите треба да ја добијат најдоцна до 18 јули, а средствата треба да се искористат најдоцна до 15 август.

До Генералниот секретаријат на Владата се пристигнати десетици илјади забелешки од граѓани, од кои само дел сметаат дека исполнуваат услови за добивање картичка, а ги нема на списокот. Ангеловска вели дека тим од Генералниот секретаријат и другите надлежни институции ги разгледуваат приговорите и сите кои ги исполнуваат условите, а не се на иницијалната листа, ќе добијат домашна платежна картичка.

(С.В.)