Ќе бидат санкционирани сите оние кои го прекршиле законот, но не смее да се напаѓаат сите здравствени работници на Клиниката за онкологија, изјави премиерот Димитар Ковачевски во врска со скандалот со цитостатици кој ја тресе онкологија.
– Се работи за наводи што се грозни и што не смеат да се случуваат, а за наводи што сме слушале во текот на изминатите 20 години. Ова е првпат да биде спроведена една ваква обемна акција за идентификување на можни сторители на вакви дела. Би сакал да повикам да не се прави сензационализација и напад на сите доктори и медицински сестри во државата, бидејќи најголемиот број од медицинскиот персонал којшто работи во нашата држава, се извонредни луѓе, кадри, што се грижат за здравјето на нашето население, рече премиерот.
Задачата на МВР и на Обвинителството, како што рече, е обезбедување докази врз основа на што ќе бидат идентификувани сторителите.
– Од страна на претседателот на Владата и од Владата, нема да има никакви интервенции во однос на заштита на кого било. Бидејќи, се работи за навистина грозни наводи што се предмет на истрагата на МВР и на Обвинителството. Исто така гледам по медиумите, посебно социјалните медиуми, дека се сака да се креира слика за вмешаност на само одредени лица, зависно од нивната припадност, она што можам да го кажам е дека ваков тип на криминал е мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен, дециден е Ковачевски.
Во исто време, на социјалните мрежи и во јавноста не стивнуваат реакциите од семејства чии блиски починале од карцином на Клиниката за онкологија. Професорката Татјана Алексиќ на социјалните мрежи напиша дека последниот скандал на онкологија е кулминација на нехуманост.
-Кулминација на нехуманост е кога во храмот на Хипократ беснее Хипокрит!!! Лицемерие невидено е поради банда монструозни криминалци да се валка докторската фела на Онкологија, коментира професорката Алексиќ.
За утре попладне е најавен протест пред Владата во Скопје поради скандалот со Клиниката за онкологија. „Ве повикуваме на протест пред Владата, каде заедно ќе го искажаме гневот и револтот против криминалот кој со години се толерирал на Клиниката за онкологија. Протестот од Влада ќе продолжи пред Министерството за здравство каде ќе повикаме на оставка и ОДГОВОРНОСТ од сите министри за здравство!“, стои во објавата на фејсбук.
Во претресите кои почнаа викендов одземени се компјутери и документација во електронска форма при претресите на Клиниката за онкологија, но и во домови на вработени во Клиниката, соопшти Обвинителството.
И од Лекарската комора на Македонија изразија загриженост во однос на вознемирувачките информации изнесени во медиумите за наводни злоупотреби со цитостатици на Клиниката за онкологија и радиотерапија, реагираат од Лекарската комора откако МВР и Основното јавно обвинителство – Скопје влегоа во оваа здравствена установа за да направат претрес во рамки на предистрага поврзана со крадење терапии за болни од рак и продавање на црниот пазар од страна на вработени во Клиниката.
– Ако наводните злоупотреби се покажат како вистинити, ќе значат голема повреда на правата на пациентите, но и непочитување на основните етички принципи во вршење на здравствената дејност, што треба да бидат приоритет во работата на секој лекар и на секој здравствен работник воопшто. Ниту еден пациент во нашата земја, особено онколошки пациенти кои се наоѓаат во животно-загрозувачка состојба, не смеат во ниту еден момент да бидат доведени во ситуација да не им биде достапна во целост терапијата, која се обезбедува од пари од буџетот на Фондот за здравствено осигурување или од Министерството за здравство, а уште помалку таа терапија да биде злоупотребена за лична корист на поединци – велат од Лекарската комора.
Оттаму потенцираат дека им даваат поддршка на Јавното обвинителство и на другите органи и очекуваат што поскоро да се расчистат сомнежите, како и да се споделат точни информации со јавноста за тоа што се случувало на Клиниката за онкологија, која е единствената здравствена установа од ваков тип и каде што се лекуваат најголем број пациенти болни од рак.
Скандалот на Клиниката за онкологија стана тема и за партиски препукувања. Последниот скандал со трговија со цитостатици на Клиниката за онколoгија е шокантен, коментираат од ВМРО-ДПМНЕ.
– Прво, кој ќе одговара со име и презиме за ваквиот третман на онколошките пациенти? Второ, кој дозволил незаконско и неуставно дејствување во третманот на пациентите наспроти уставно загарантираното право на здравствена заштита на секој пациент? Трето, зошто најсовремената онколошка терапија не е на позитивната листа за која четворица министри од владата на СДСМ и ДУИ не мрднаа со прст? Четврто, во чии џебови се украдените пари и дали има лоцирана одговорност? Петто, точни ли се наводите и цифрите од стотици евра што се споменуваат во јавноста, а им се бараат на пациенти со малигни заболувања за одредени дијагностички процедури неопходни за натамошен третман? Шесто, дали последната акција е уште еден обид за замајување на јавноста?
Одговорност за овие монструозни постапки мора да има и ќе има. И тоа и кривична и политичка одговорност – вели Лазо Јовчески, член на Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
Акцијата на надлежните институции, Министерството за внатрешни работи и на Јавното обвинителство за сузбивање криминал на Клиниката за онкологија е соодветна и заслужува целосна поддршка од сите. За вакви криминални работи се зборува 20 години, но сега за прв пат надлежните институции и Владата предводена од СДСМ се зафаќаат со нивно расчистување, велат од СДСМ.
– Наводите и сомневањата врз основа на кои се постапува се згрозувачки и за секоја осуда. Без сензационалистички злоупотреби и без етикетирања на сите доктори и медицински сестри, само професионална и брза институционална разрешница, согласно со законите, ќе ја утврди точно одговорноста и сите вмешани, години наназад, ќе ги изнесе пред лицето на правдата – велат од „Бихаќска“.
Министерот за здравство Фатмир Меџити даде поддршка за акцијата на Обвинителството и на полицијата на Клиниката за онкологија и потенцира дека очекува институциите брзо да се произнесат во однос на истрагата.
– Како министер, силно ги осудувам сите обиди или дејства на поединци или групи, кои преку дискрециони овластувања и начини на носење на одлуки во сопствена корист, направиле ненадоместлива штета врз здравјето и животот на пациентите, граѓаните и државата. Очекувам институциите брзо да се произнесат во однос на истрагата – се наведува во пишаната изјава на Меџити.
И поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев, потврдува дека во неговиот мандат се случиле две кражби на лекови за што институциите биле уредно известени и кражбите биле пријавени. Вработените во Клиниката што учествувале во кражбите, биле суспендирани од работа.
„ Во време на мојот мандат кој беше во заедништво со тогашниот организациски директор Нехар Нухи сме пријавиле две кражби на лекови и истите кражби беа уредно пријавени до надлежните институции. Вработените кои учествуваа во кражбите на лекови беа мандатно отстранети од работните места – односно 6 месеци беа суспендирани од работа.“ – изјави за ТВ24, поранешниот директор.
Претресите се во рамки на предистрагата што ја почна Обвинителството отвроена по серијата текстови кои ги објави неделникот „Фокус“ за постоење на разработена криминална мрежа од вработени во Клиниката кои ја препродавале скапата терапија така што во системот се внесувале фиктивни пациенти, на дел од пациентите наместо неопходната целосна терапија им се давала половична терапија разредена со билошки раствор а остатокот се препродавал на црниот пазар.
Во март годинава медиумите пишуваа дека медицинска сестра од дневната болница на Клиниката украла дваесетина ампули од различни видови цитостатици вредни неколку илјади евра.