Со измените на Законот за Пазарниот инспекторат ќе се зголемат ингеренциите на инспекторот, со што инспекторите ќе може веднаш да ги затвораат маркетите што не ја почитуваат одлуката на Владата и не ги намалиле цените на производите. Како што изјавија за весникот ВЕЧЕР од Државниот пазарен инспекторат, во моментот инспекторите не можат да затвораат веднаш, туку мора да чекаат судска одлука. Со новите измени, ќе може веднаш да го затворат дуќанот и да не чекаат судски процес.
Казните за трговците што нема да ја почитуваат одлуката ќе изнесуваат од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината на субјектот.
– Ќе се постапува по член 58 од Законот за трговија, кој ќе се усогласи со Законот за прекршоци. Секогаш кога постапуваме, прво се водиме според Законот за Пазарен инспекторат, а потоа постапуваме по одлуката на Владата, која е донесена врз основа на Законот за трговија. Кога казнуваме, казнуваме врз основа на Законот за трговија. Ако се забележат прекршување на одлуката во моментот, инспекторите не може да затвораат веднаш. Сега се работи на измени на Законот за Пазарен инспекторат, со што на инспекторите ќе им се дадат ингеренции да можат да затвораат веднаш. Сега, за да затворат некој објект, прво треба да чекаат судска одлука, односно не може да го затворат објектот додека трае судскиот процес – изјавија за ВЕЧЕР од ДПИ.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, информираше дека ДПИ спроведува надзори по одлуката на Владата за намалување одредени производи и повика граѓаните да пријават неправилности.
– Во моментов, Пазарниот инспекторат спроведува надзори по одлуката на Владата, што се однесува на намалување на одредени производи, за најмалку 10 отсто, сметано од цената на производите по која се продавале на 1 август. Нашите надлежности што произлегуваат од оваа одлука, се контрола на цените на производите што се наведени во одлуката – појасни Трајковски.
Од Инспекторатот додаваат дека, сега-засега, генерално се почитува одлуката на Владата од страна на маркетите, но сите маркети ги немаат означено намалените производи со ознаката „гарантирана цена”, што треба што поскоро да го направат, а ознаката може да ја преземат од веб-страницата на Министерството за економија.
Трајковски ги повика граѓаните да пријавуваат неправилности во Пазарниот инспекторат и на бројот 02 191, кој е достапен за гласовни пораки 24/7.
(А.С.)