Додик во Москва разговарал со Путин

303

Српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик во Москва разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за актуелната ситуација во регионот, пренесе Бета повикувајќи се на Радио-телевизијата на Република Српска (РТРС).

– Го запознав Путин со нашето гледиште за ситуацијата во Босна и Херцеговина. Можам да кажам дека тој е многу запознаен со деталите и беше заинтересиран за речиси секое прашање за можен развој на политичката ситуација, работата и однесувањето на меѓународните актери, статусот на Република Српска, уставните решенија, но и како се развиваат заедничките економски проекти со Русија, рече Додик.

Тој изјави дека со Путин се договорил за иста цена на гасот и оти рускиот претседател ја поддржува изградбата на гасовод преку Република Српска, за што Додик, како што најави, утре ќе разговара со претставниците на Газпром.

Додик понатаму го информирал Путин за, како што рече, обидот да се заплени имотот на Република Српска, кој не е во согласност со Дејтон, а кој РС „не може да си го дозволи“.

– Постои искрена посветеност на претседателот Путин да ја разбере многу сложената ситуација во нашата земја, да ја изрази својата желба да помогне во секој конкретен проект, тоа е нешто што е најважно, рече Додик.

Според него, Путин не рекол ништо против БиХ, но рекол дека мора да се почитуваат сите, да се почитуваат ентитетите, конститутивните народи и сите граѓани.