Доделување на „Златен објектив“ за 2022 на Луковска-Дончиќ и Куновски-Доре во Кинотеката

41

Кинотеката, по повод својот „роденден“ на 29 април, секоја година го доделува признанието „Златен објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Оваа година – на 20 мај (петок) во 12 ч. – на сцената на летното кино „Мирно Лето“ на Кинотеката ќе бидат доделени годишните награди „Златен објектив“ на филмската монтажерка Олга Луковска-Дончиќ и филмскиот критичар Благоја Куновски-Доре. На Лауреатите ќе им бидат доделени традиционалните пригодни плакети и значки стилизирани во духот на кинотечните вредности.

Доколку временските услови не дозволуваат одржување на настанот на отворено – Доделувањето на наградите ќе се одржи во кино-салата на Кинотеката.

Досегашни добитници на „Златен објектив“ беа: режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловски и Коле Манев; тонскиот снимател Глигор Паковски; аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ; директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков; филмскиот работник Коста Крпач; продуцентот Панта Мижимаков; филмската критичарка Илинденка Петрушева; монтажерите Димитар Грбевски и Спасе Тасевски; костимографките Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ.