Шеесет и две семејства со новороденче добија по 7.000 денари

68

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска додели 62 решенија на баратели за остварување на правото да може да користат парична помош за новороденче. Паричната помош е во висина од 7.000 денари, а локалната самоуправа ја доделува редовно, во рамки на проектот за првична помош и поддршка на родителите што се жители на Општина Центар и имаат принова во семејството.

Покрај решенијата, Герасимовски им подели на семејствата и пригодни подароци од општествено одговорни компании.

– Дечињата се најголемата радост во секое семејство. Приновата значи нова среќа и уште поголем мотив да работиме и да остваруваме повеќе за нивна подобра иднина. Нашата задача е да направиме поубаво и подобро општество за сите нови генерации во Општината, а мојата заложба, како градоначалник, е да инвестираме во детската заштита и во создавањето подобри услови за нега, образование и воспитание. Мило ми е што денеска запознав дел од нашите најмлади сограѓани, им посакувам добро здравје и среќно и безгрижно детство – изјави Герасимовски.

За добивање парична помош за новороденче, според Правилникот, потребно е да се поднесе барање, а во прилог да се достават на увид фотокопија од важечки лични карти или пасош за лична идентификација со адреса на живеење или престојување во Општина Центар, фотокопија од изводот од матичната книга на родените за новороденчето и фотокопија од трансакциската сметка на барателот на оваа помош. Рокот за поднесување на барањето е до шест месеци од денот на раѓањето на новороденчето.

Општина Центар и понатаму ќе продолжи да реализира проекти од областа на детската заштита и да се грижи за најмладите, кои претставуваат најголема радост за секое семејство.