На четворица најуспешни претприемачи на мали и микро претпријатија во земјава денеска им беше доделено националното признание „Претприемач на годината 2019“, чија цел е поттикнување на претприемачкиот дух преку промоција на успешни примери.
Во категоријата мали претпријатија до 50 вработени, првата награда и припадна на Даниела Николовска, менаџер на компанијата „Греемак груп“ од Скопје, а втората на Горан Цуцулески, менаџер на компанијата „Гурмано – Кривогаштани промет“ од Кривогаштани. Првата награда во категоријата микро претпријатија со помалку од 10 вработени му е доделена на Риза Реџепи, менаџер на компанијата „Текника Риза“ од Кичево, а втората на Георги Дамчески, менаџер на компанијата „Ипринт 2015 “ од Прилеп.
Претселекцијата за изборот на „Претприемач на годината 2019“ е направена врз основа на податоците од Централниот регистар, а изборот се темели на четири критериуми кои компаниите треба да ги исполнуваат во последните три години, а тоа се раст на бројот на вработени, на приходите, на добивката и на инвестициите. Годинава 31 претпријатија кои има до 50 вработени ги исполнија овие услови.
– Малите и средни претпријатија, како доминантна форма на деловно работење и вработување, се клучни актери за градење поинклузивен и одржлив раст, зголемување на економската еластичност и подобрување на социјалната кохезија. Тоа го докажува и фактот што малите и средни претпријатија ширум светот вработуваат околу 60 отсто од сите вработени, а нивниото учество во додадената вредност се движи меѓу 50 и 60 проценти, порача заменик-министерот за економија Кирил Колемишевски во своето обраќање.
Тој посочи дека претприемачите го менуваат начинот на кој живееме и работиме.
– Тие помагаат да се создадат работни места, стимулираат сродни бизниси или сектори кои го поддржуваат новиот потфат, создаваат комплетно нови пазари, вклучуваат маргинализирани лица, помагаат во создавање социјални промени, рече Колемишевски и додаде дека Министерството за економија годинава финансиски поддржа 170 претпријатија, 40 занаетчии и 19 проекти на фондации, здруженија на граѓани и занаетчиски комори.
Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска истакна дека иницијативата за национален избор на најуспешни претприемачи во Македонија, во 2007 година беше прифатена од партнерите организатори, со цел да се подигне свеста за претприемништво.
– За разлика од 2007 година кога во конкуренција за награда беа 320 компании сега имаме само 31. Се надевам дека овие четири наградени компании ќе бидат поттик следната година повторно да имаме трицифрена бројка на компании во конкуренцијата за избор, рече Арсовска.
Извршниот директор на Македонската развојна фонадација за претпријатија (МРФП), Тетјана Лазаревска посочи дека креативноста е клучен фактор во поттикнувањето на економскиот развој и дел од стратегиите за развој.
– Во годинашните добитници препознавме креативност. Им честитам и посакувам креативните индустрии да имаат нагорен тренд на развој што ќе го обезбеди нагорниот тренд и на целата економија, рече Лазаревска во своето обраќање.
Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ), Неби Хоџа посочи дека успехот е тежок и мачен пат и додаде дека е наменент само за оние кои имаат решителност и одлучност да препознаваат хоризонти кои се кријат во пречките, стравот и двоумеењето.
– Имајќи предвид дека почетокот на секој бизнис претставува ризик и бара голема храброст, бидејќи успехот не е загарантиран и зависи од сложени фактори и чинители, се разбра дека претприемачите во нашата земја наоѓаат храборост и иновативен дух. Поради тоа поддршката и промоцијата на претприемачите е една од основните и стратешките определби на СКСЗМ, рече Хоџа и им честита на добитниците на наградите, за како што рече, нивната храброст, решителност и одлучност со која делувале во нивното патешествие кон успехот.
Наградите во рамки на манифестацијата „Претприемач на годината“ оваа година се доделија по 13-ти пат, а наградените претприемачи во двете категории добија статуетки, плакети и пакети услуги од организаторите. Главни организатори на националниот избор се Македонската развојна фондација за претпријатија, Сојузот на стопански комори на Македонија и Стопанската комора на северозападна Македонија, додека ко-организатор е Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење. Институционален покровител е Министерството за економија, а поддржувач е Штедилницата Можности.