Додека едни аздисуваат, други гладуваат- македонците фрлаат фрапантни 5000 тони храна!

10

Во Македонија се фрла најмалку 5 илјади тони безбедна храна. Вредноста на храната која се фрла е околу 10 милиони евра, а со неа можат да се нахранат 13.000 луѓе. Овие показатели се причина за иницијативата на Асоцијацијата “Ајде Македонија” заедно со Стопанската комора на Македонија и Агенција за храна и ветеринарство за подготовка на законска регулатива со која ќе се овозможи храната пред истекот на рокот да се дава во хуманитарни цели.

Законот се очекува да биде подготвен на почетокот на 2018 година и да биде доставен до Владата. Со регулирањето на фрлањето на храната најпрво ќе бидат опфатени маркетите, добавувачите и производителите по што, во втората и третата фаза ќе бидат таргетирани и рестораните, кетеринг службите и домаќинствата.

– Во светот постојат различни модели на донирање на храна, но заеднички за сите нив е што фирмите кои учествуваат се субвенционираат или поттикнуваат. Исто така, важно е сето ова законски да се регулира за да може вишокот на храна да дојде до оние на кој им е потребен, вели Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија.

Франција има законска регулатива за уништување и фрлање на храната од супермаркетите. Ваквиот закон доби голема поддршка во ЕУ и во светот, бидејќи претставуваше од една страна грижа за социјално загрозените, а од друга страна забрана за фрлање на храна. Знаејќи дека ЕУ фрла од 90 до 100 милиони тони храна годишно во вредност од повеќе милијарди евра, овој пример почаа да го следат и другите европски земји.

Така во Британија каде годишно се фрла преку 15 милиони тони храна во тек е донесување на ваква законска регулатива, а во Италија се даваат големи даночни олеснувања на фирмите кои донираат храна.

Од земјите од регионот предност има Хрватска која овој проблем го реши со Правилник со кој се регулира донирањето на храната од маркетите и производителите. Во Хрватска каде се фрлаат околу 400 милиони тони отпад на годишно ниво се применува мешан модел, односно се применуваат даночни олеснувања и рестриктивни мерки за оние компании кои не ги почитуваат одредбите.

– Македонија е седма во светот по фрлање храна, а штетата од тоа достигнува 10 милиони евра. Најмногу храна фрлаат домаќинствата, дури потоа се рестораните, производителите и добавувачите. Бројките се многу сериозни и веројатно достигнуваат 10 илјади тони годишно, количина која би можела да биде основа за една цела нова социјална програма за загрозените, истакна Блаже Јосифовски, претседател на Асоцијацијата „Ајде Македонија” која е иницијатор на законските измени.

Со законското решение ќе се бара бизнисите да бидат ослободени од данокот на додадена вредност за храната што ќе ја донираат, но и од кривична одговорност при евентуални незгоди или злоупотреби ако доследно ги почитуваат правилата за безбедна храна.

– Ќе треба да се обезбедат и едноставни, брзи административни процедури, за компаниите да не бидат оптоварени и да не се откажат од определбата да донираат храна, истакна Јосифовски и посочи дека засега во земјава 445.000 граѓани имаат по само еден оброк дневно.

Согласно Програмата „Хоризонт 2020″ ЕУ планира да го намали отпадот на храна до 2025 година за 30 отсто.

(А.С.)