Договор за Влада или нови избори, трето нема!

Додека се прават последните преговарања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека не би го изненадило ако наесен се случат нови предвремени парламентарни избори ако ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ, ниту друга партија не успее да формира влада. - Ако никој не успее да формира влада не ја исклучувам можноста за нови предвремени парламентарни избори наесен, вели Мицкоски. Тој смета дека широка коалиција не би функционирала, а тоа го докажала техничката Влада. На ова, Спасовски одговара дека Мицкоски залудно се надева дека наесен ќе има нови избори и најави дека многу скоро ќе се знае новиот владин состав.

127

Македонија наскоро ќе добие нова влада. Партиите бројат ситно до конечниот договор. Кој со кого ќе коалицира за потребното мнозинство, по што претседателот на државата Стево Пендаровски ќе може да го додели мандатот на новиот мандатар за состав на идниот владин кабинет, ќе се знае во наредните денови.

Според последните информации од партиите, официјалните преговори почнуваат во вторник на 4 август, веднаш по конститутивната седница на новиот парламентарен состав.

Во моментот, сите опции за тоа кој ќе состави нова влада се отворени.

Според очекувањата, најверојатно е СДСМ да се обиде да состави Влада со нивниот досегашен партнер ДУИ со кого точно би имале 61 пратеник.

Вицепремиерот и функционер на ДУИ Бујар Османи очекува многу бргу да се формираат институциите со претставници на двете поголеми заедници во државата.

-Непишано правило е кај нас владата да ја сочинуваат претставници на двете поголеми заедници, со цел институционално да се канализира етничката енергија. Тоа го научивме од искуството и се покажа како најдобро решение за политичката стабилност во оваа држава, бидејќи доколку не ја канализирате етничката енергија на институционален пат, тогаш ни се случува злоупотреба на таа енергија од различни трети страни – истакна Османи. Во врска со можноста за ротациски премиер, Османи рече дека тие во ДУИ сè уште не разговарале за да имаат некаков став околу ова прашање, со што ја демантираа веста дека со СДСМ бил постигнат договор за Влада со премиер Албанец.

Од СДСМ, партија која освои најмногу пратеници на изборите, го чекаат 4 август кога лидерот Зоран Заев се враќа од одмор и веднаш по конститутивната седница да почне со преговорите за состав на новата Влада.

-Ние започнуваме со преговори после празникот 2 Август. Секако дека разговараме со политичките партии, но официјалните разговори започнуваат после Илинден. Ќе разговараме со проевропските партии кои ги поддржуваат принципите за напредок на Република Северна Македонија, изјави техничкиот премиер и потпретседател на СДСМ Оливер Спасовски.

Во јавноста се шпекулира дека за коалиција со ДУИ преговара и ВМРО-ДПМНЕ, но за да можат да формираат Влада би им фалеле уште двајца пратеници, кои можат да ги обезбедат во коалиција со Левица, што би било тешко веројатно со оглед на изјавата на лидерот на Левица дека нема да коалицира со ниту една партија. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во врска со коалицирањето со ДУИ и дали ќе се почитува принципот победник со победник, изјави дека овој принцип бил прекршен уште во 2017 година кога ВМРО-ДПМНЕ победила на изборите, но не кажа каков е неговиот став во однос на избор на коалицискиот партнер.

Но, судејќи според последните изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, се чини дека кренале раце од преговарање. Наместо коалициски преговори, Мицкоски најави драстични промени во партијата и желба да победат на следните локални избори. Дури, најави можност и за нови парламентарни избори наесен ако не се формира влада.

-Со промените очекувам партијата да функционира без разлика дали ќе ја предводиме идната влада или ќе бидеме во опозиција. За ВМРО-ДПМНЕ е потребно да извојува победа на следните локални избори. Таква победа имаме на претседателските избори, победивме и сега во 39 општини плус градот Скопје, а СДСМ во 26. Со едно реструктурирање, со една нова кадровска промена можеме да постигнеме навистина многу. Но, не би ме изненадило ако наесен се случат нови предвремени парламентарни избори ако не успееме ниту ние СДСМ ниту друга партија да формира влада. Ако никој не успее да формира влада не ја исклучувам можноста за нови предвремени парламентарни избори наесен, вели Мицкоски. Тој смета дека широка коалиција не би функционирала, а тоа го докажала техничката Влада. На ова, Спасовски одговара дека Мицкоски залудно се надева дека наесен ќе има нови избори.

„Мицкоски секој ден ги менува ставовите. Нели до пред некој ден велеше дека тој ќе формира влада, дека составува парламентарно мнозинство. Сега вели нови избори. Тоа е, сепак, негова работа. Изборите поминаа. На нив има јасен победник. Тоа е СДСМ. Ние ќе ја формираме новата влада“, вели Спасовски.

Од друга страна пак, претседателот Пендаровски смета дека возможна е Влада и без СДСМ или без ВМРО-ДПМНЕ, ама и без ДУИ.

-Уставната норма е кристално јасна – мандатот го добива кандидатот на партијата или партиите што имаат мнозинство во Собранието и тука претседателот нема буквално никаков маневарски простор, вели Пендаровски, објаснувајќи дека сето она што се случуваше во 2017-та, со некакви дополнителни условувања, претставуваше флагрантно кршење на највисокиот правен акт.

-Најконкретно, ќе го доделам мандатот на кој било претставник на која било од 6-те изборни листи кои освоија пратеници во парламентот, кој ќе ме увери дека има мнозинство од 61 пратеник, потенцира Пендаровски.

Конститутивната седница на десеттиот парламентарен состав е закажана за следната недела во вторник, 4 август.

Според Уставот, претседателот на државата е должен во рок од 10 дена од конституирањето на законодавниот дом мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието треба да му поднесе програма и предлог состав на Владата.