Сите партии од Прилеп застанаа зад жителите на Ореовец да се стопира ископот на „Бехтел и Енка“. Сметаат дека станува збор за штетен договор, оценет од нив како незаконски и неуставен, а кој го има склучено претходната власт.

– Договорот излезе од еден куп закони и тоа е злоупотреба на службена положба. Во правото има еден принцип каде што од неправо не може да произлезе право. Ова ќе мора да заврши со кривични пријави и со спроведување една кривична постапка. Договорот треба да се раскине – смета Сашко Јанчев од Левица.

Поради досегашните минирања, оштетени се голем број куќи и црквата во селото, а загрозени се изворите за вода и целата животна средина во овој предел. Основниот суд од Прилеп пред десетина дена излезе со вешти лица на отворениот коп над селото Ореовец и побара докази дали конзорциумот „Бехтел и Енка“, кој е ангажиран од Владата да изгради четири автопатишта, со ископот на материјал ги предизвикува, со подготовката на терен за градба на автопатот Прилеп – Битола.

Вешто лице од хидрогеологија треба да даде мислење дали има штета на изворите за вода од минирањата и ископот, а од градежна област за штети на објектите. На барање од Министерството за економија, Центарот за управување со кризи и Државниот инспекторат за животна средина, надзор на терен направи и овластен инспектор за екологија на Општина Прилеп, кој треба, врз основа на подготвениот записник, понатаму да ја води инспекциската постапка со носење соодветни акти, како и решение со задолжување.

Како што информираат од ДИЖС, овластениот инспектор за животна средина утврдува дали инсталацијата за ископ, дробење, мелење, сеење на „Бехтел и Енка“ поседува Б-интегрирана еколошка дозвола и дали операциите во инсталацијата се спроведуваат согласно со условите утврдени во Б-интегрираната еколошка дозвола.

Мислењата на вештите лица треба да бидат готови до крајот на јуни.

Адвокатот Жарко Стеваноски, кој правно ги застапува барањата на жителите на Ореовец, за весникот ВЕЧЕР минатата недела изјави дека во текот на вештачењето биле присутни претставници од „Бехтел и Енка“ и од ЈП за државни патишта, но не доставиле релевантна документација за почнатите работи за ископ.

Од друга страна, до Уставниот суд е поднесена и иницијатива за оспорување на уставноста на членови од Законот за изградба на автопатиштата. Се бара преиспитување на уставноста, затоа што сметаат жителите дека се нарушени најмалку три темелни вредности на Уставот, а едно од нив е правото на здрава животна средина.

– Очекувам состојбите во Уставниот суд што поскоро да се средат и Судот да се произнесе – вели Стеваноски.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека наскоро може да се очекува јавнообвинителската одлука за овој предмет.

– Преземени се многу работи. Се работи таму за конзорциум од три фирми што се испитуваат. Досега има некои нелогичности во договорот. Се преземаат дејства и јас сметам дека, можеби набрзо, Јавното обвинителство ќе излезе со јавнообвинителска одлука – изјави Коцевски за предистрагата за тендерот за избор на надзор над изградбата на автопатиштата од „Бехтел и Енка“.

Тој не одговори на прашањето дали оваа најава значи отворање истрага, туку посочи пример за дел од работите што се испитуваат во предистрагата, како што се лиценците, каде што, како што вели Коцевски, на пример, фирмата „Електра солушнс“ обезбедила лиценца за надзор откако веќе била распишана јавната набавка.

(С.Бл.)