Договорите за работа на определено време ги празнат фабриките

Според Агенцијата за вработување во текот на целата мината година, над 57 проценти од новопримените работници добиле договори на определено време, а само во јануари се надминати 60 проценти. Тие договори во кризата се најпрактикуваниот начин за ослободување од работниците, па ССМ алармира дека газда на текстилна фабрика во Богданци се ослободил од 70 работнички со нивен потпис на празен лист, по што им го трансформирал работниот однос од неопределено на определено време

111

Расте бројот на вработувања на определено време. Ангажирањето работници на еден, два, три и повеќе месеци или на една година работодавците го практикуваат откога тоа постои во македонското работно законодавство, но трендот се засилува во време на актуелната корона-криза, а особено голем замав зема од почетокот на годинава.

На тоа укажуваат податоците од Агенцијата за вработување, според кои во текот на целата мината година од вкупно вработените поголемиот дел или околу 57 проценти биле на определено време, а само во јануари годинава тој процент е надминат.

-Агенцијата за вработување на РСМ води евиденција на регистрирани пријави на засновани работни однос (М1 обрасци). Во периодот од 1.1.2020 до 31.12.2020 година, регистрирани се вкупно 174.240 пријави на засновани работни односи -М1 обрасци, од кои 42,7% (74.345) се регистрирани пријави на засновани работни односи на неопределено време, а 57,3% (99.895) се регистрирани пријави на засновани работни односи на определено време и сезонска работа. Во периодот од 1.1.2021 до 31.1.2021 година, регистрирани се вкупно 12.404 пријави на засновани работни односи -М1 обрасци, од кои за 38,0% (4.717) се регистрирани пријави на засновани работни односи на неопределено време, а 62,0% (7.687) се регистрирани пријави на засновани работни односи на определено време и сезонска работа, велат од Агенцијата за вработување за весникот ВЕЧЕР.

Невладините организации бараат промена на оваа практика и укажуваат дека токму овие вработени најлесно остануваат без работа со едноставно непродолжување на договорот откако ќе истече. Потоа тие се практично на улица, без право за каков било надомест.

Според податоците на Агенцијата за вработување од вкупно 18.174 лица, кои го изгубиле работното место поради корона-кризата, во периодот од 11 март лани до крајот на јануари годинава, најголемиот број, или речиси 42 процента се со истечени договори за работа. Невладината „Гласен текстилец“ уште од почетокот на кризата алармираше дека работодавци се дрзнуваат да ги трансформираат договорите на неопределено во договори на определено време и ги охрабруваше вработените ваквите случаи да ги пријавуваат во Трудовиот инспекторат. Деновиве за таков случај алармираше и Сојузот на синдикатите на Македонија.

-По пријава доставена од страна на колешки работнички вработени во Бребо-еко текст од Богданци беше пријавено дека со манипулација од страна на работодавачот биле принудени да потпишат бланко листови, со кои потоа им бил трансформиран работниот однос од неопределено на определено време, како и за спогодбен престанок на работен однос и на таков начин им престанал договорот за вработување. ССМ застанува во заштита на текстилните работничките и ќе бидат преземени сите мерки против работодавачот кој во овие исклучително сложени услови со манипулација и подметнување остава без егзистенција повеќе од 70 текстилни работнички, информираат од Синдикатот.

Од Агенцијата за вработување посочуваат дека најчести жртви на ваквите „откази“ се вработените во преработувачката индустрија, а потврда на тоа дава и истражување на невладината организација ЗМАИ, според кое од тој сектор најпогодени се текстилните работнички, од кои поради пандемијата без работа останале 6.783.

-Сознанијата покажуваат дека речиси во сите општини бројот на нови невработени лица по основ на одјавување од задолжително социјално осигурување кои доаѓаат од текстилната индустрија се зголемува, се вели во анализата на ЗМАИ и се додава дека петте општини со највисок пораст на невработеноста се Штип, Тетово, Скопје, Прилеп и Куманово, каде  текстилната индустрија е и најразвиена.

Се констатира и дека истекот на договорот на определено време е најчест основ за прекинување на работниот однос во текстилната индустрија во последните пет години, а само лани прекините на работниот однос по овој основ бележат раст од 123 отсто. Истовремено, бројот на отказите дадени од работодавците е зголемен за 174 проценти.

С.В.