“ДНК“ сними емотивна песна во спомен на нивните починати пријатели Мирко Петровски и Марјан Михајловски-Маци

359

“Животе брате“!

Машкото музичко дуо “ДНК“ деновиве ја промовираат својата најнова песна симболично насловена како ,,Животе брате”. Песната за Панчо и Андреј има многу големо значење бидејќи е нивен емотивен подарок за нивните драги  пријатели Мирко Петровски и Марјан Михајловски-Маци, а кои сосема ненадејно починаа пред неколку месеци.  Смртта на бодибилдерот и фитнес тренер Мирко, кој почина во март годинава, а потоа во мај и смртта на Марјан Михајловски, предводник на навивачката група на МЗТ Скопје, неопсливо многу ги погоди момците од “ДНК“.

Својата болка, својата тага ја пренесоа во песната, за која се цврсто убедени дека со неа ќе допрат на срцата на своите многубројни фанови, но и на останатата публика.
Панчо, уште тогаш од двајцата нивни пријатели, се прости и на социјалните мрежи со емотивни објави:

-За жал, секогаш после вакви настани сфаќаме колку не ги почитуваме саканите, односно додека се на овој свет. Мислиме дека вечно ќе се тука и секогаш бараме оправдувања за дружбите кои ги одложуваме за утре.  Но никогаш не знаеме дали тоа утре ќе го дочекаме, напиша Панчо.

Дел од изведувачите во оваа спомен-песна се познатите Наум Петрески и Џамбо Агушев со неговиот оркестар, и за истата е снимен и видео запис. Песната е лесно-пријатна за слушање, ги поседува сите елементи да стане летен хит.

,,Животе брате” веќе се наоѓа на Интернет, на Јутјуб-каналот со што сите можат да се уверат во тоа што го кажуваат познатите музичари. Стиховите за песната се дело на самиот Панчо. Музиката е заедничка со Лазар Цветковски, а режисер на видео-спотот е маестро Огнен Шапковски.   Д.М.