ДКСК: Најголем процент на корупција има во судството

26

Државната комисија за спречување на корупција посочува дека со неодамнешните измени во Законот за укажувачи во изминативе неколку месеци е зголемен бројот на лица претежно од јавни институции, претпријатија и слично кои пријавиле некаков вид на корупција.

Претседателката на ДКСКС, Билјана Ивановска посочува дека 12 предмети се во завршна фаза и наскоро треба да излезат во јавноста.

Ивановска попладнево во Велес учествуваше на семинар со невладиниот сектор во организација на „Цивил”, а на кој се говореше како институциите, медиумите и граѓанскиот сектор заеднички да се борат против корупцијата во државата.

Според Ивановска со измените на овој закон, граѓаните се заштитени и ги охрабрува да не се плашат и до ДКСК да пријават секаков вид на корупција.

Појасни дека согласно законот, има цела процедура која ДКСК ја усвоила за работата со укажувачи, како и дека има овластено лице што работи со укажувачи.

– Комисијата не е запознаена ниту кои се тие ниту што пријавуваат, се до одредено ниво додека овластеното лице не го обработи предметот и ги собере сите податоци. Тогаш ме известува мене како претседател на ДКСК за понатамошниот тек од постапката, дали треба да се земе или да се отфрли пријавата. Кога ќе утврдиме дека има елементи само во соработка со мене како претседател се договараме кој чекор да се превземе понатаму, информира Ивановска.

Воедно образложи дека не може да открива за какви случаи станува збор, бидејќи се од укажувачи и дека се во завршна фаза и ниту еден од нив се уште не излегол во јавноста. Потенцира дека не може да се открива кои се тие лица, а за кои појасни дека се од јавни институции, претпријатија и слично.
Ивановска информира дека кога ќе заврши целата постапка тој предмет ќе биде разгледан на седница на ДСКС и ќе се каже како предмет по сопствена иницијатива и никаде нема да се спомне укажувачот.

Ивановска на семинарот, потенцира дека треба да се подигне јавната свест на граѓаните и институциите за да се намали корупцијата во државата.
Потсети дека во согласност со Законот има авктивна и пасивна корупција односно нудење и давање на поткуп, за завршување на некоја работа.

Граѓаните ако се баратели на услугата доколку им се побара коруптивен надоместок не треба да потклекнат и тоа треба да го пријават со нивна пријава или како укажувач, бидејќи секој вработен од институциите е платен за работата што ја врши. Воедно потенцирам дека тие се целосно заштитени со анонимната пријава, појасни Ивановска.

Потенцираше дека сите укажувачи ќе бидат заштитени од соработка и со нив и најави дека ДКСК ќе работи со службените лица од институциите, со цел преку обуки да ја јакне личната и институционалната свест кај нив.

Ивановска беше децидна дека функционерите не треба да имаат привилегии, тука да се укинат како што според неа треба да се укине и апанажата. Информира дека анализата за 180 инститиции е во тек и најави дека наскоро ДКСК ќе излезе со податоци за тоа колку функционерите ја чинат државата.

Посочи дека со нивните анализи и со анкетите со граѓаните е потврдено дека најголема процент на корупција има во судството преку вработувања и носење на наменски судски одлуки. Според неа судството е најслабата алка во општеството и посочи дека судиите со точни пресуди треба да ги доведат во ред работите.

Според гласање на присутните од невладиниот сектор на семинарот, прво место по корупција во државата има при вработувањето, на второ место се тендерите за јавни набавки, а на трето медиумите. Следат политичкото финансирање, привилегиите, субвенциите и социјалната правда. Невладиниот сектор, според гласањето се најде на осмото последно рангирано место по корумпираност во државата.