На денешен ден 1891 година е родена Дијана  Будисављевиќ, жена која во Втората светска војна има спасено повеќе од 15.000 деца од логорите во Независна Држава Хрватска.

За Оскар Шиндлер, ликот кој спаси 1.000 Евреи од филмот „Шиндлерова листа“ знае целиот свет. За Дијана Будисављевиќ, родена Обексер, Оскар Шиндлер е обичен рекреативец. Така, доколку лани не се појавеше филмот „Дневникот на Дијана Будисављевиќ”, во режија на Дана Будисављевиќ, кој освои бројни награди, мал дел од јавноста ќе знаеше за херојските потфати на оваа жена-легенда.

Филмот започнува со сведочењето на еден од четирите преживеани кои, како наратори, зборуваат за ужасите на злосторствата од личен агол. Како деца, тие пристигнале до усташкиот логор и низ солзи велат дека со денови јаделе пченкарно брашно и варени компири и дека многу деца умреле од студ и неисхранетост во овие нехумани околности. Тие велат дека секојдневно гледале смрт.

Дијана Будисављевиќ, Австријка, мажена за хрватски лекар, се залагала кај црквата и германските воени власти да ги поштедат децата на Козара. Оваа хуманитарка спасила 15.336 деца од усташкиот логор на смртта Јасеновац за време на Втората светска војна. Децата кои таа ги спасила биле главно Срби од хрватските и босанските села. Оваа акција била една од најтешките и по бројот на спасени е  една од најзначајните хуманитарни акции поврзани со концентрационите логори во Втората светска војна. Вкупно 3.254 деца загинале за време на спасувањето или веднаш по напуштањето на кампот, исцрпени од мачење, глад и болест, додека повеќе од 12.000 пронајдени деца ја преживеале војната.

За да ги сочува информациите за децата што ги спасувала за време на војната, таа чувала досие за нив, надевајќи се дека еден ден може да се врати во нејзините биолошки семејства.

Во својот дневник, кој го пишувала за време на војната, но кој не бил објавен до 2003 година, Будисављевиќ пишува хронолошки за нејзините, честопати неуспешни обиди, да им обезбеди хуманитарна помош на децата.

Користејќи ги своите врски со преостанатите припадници на еврејската и на српската заедница во Загреб, како и со нацистичките и усташките функционери и црковни достоинственици, таа без страв се трудела да организира достава на храна и на облека за неисхранетите жени и деца во фашистичките логори. Сепак, властите обично ја краделе оваа помош пред таа да дојдат до некое дете.

Откако многу мајки, заробени во усташката „пацифистичка кампања“, биле префрлени во Германија за да работат како робови, вклучително и сексуални, нивните деца останувале сами во логорите.

„Нивните кутри мали тела беа оставени на скалите …ниту облека им беше оставена… Другите деца чекаа да тргнат, седејќи, речиси цело време, на нокшири … Дебелото црево им висеше, беа полни со муви…“, напишала Будисављевиќ во јули 1942 година. Овој грозен опис на неисхранетост, паразитски инфекции и стомачни заболувања, предизвика шок поради условите во кои децата биле затворени. Вистинитоста на описот на Будисављевиќ, генерално не е оспоруван, иако јасно дава докази против владата на усташите, и покрај тврдењата дека таа била посветена на спасувањето на децата.

Една епизода во нејзиниот дневник е особено впечатлива. Кога озлогласениот командант на усташите, Макс Лубуриќ, пристигнал во логорот Стара Градишка, тој бил толку лут на луѓето што се обидувале да им ги олеснат страдањата на децата, што се заканил дека тие ќе „исчезнат“. Истиот ден, по неколку дена гладување, децата биле изнесени од логорот со ветување дека ќе добијат храна, по што им била облечена смешна усташка униформа, биле принудени, додека ги снимале, да го салутираат фашистичкиот поздрав и на крајот повторно биле оставени без храна.

Но, Дијана Будисављевиќ примарно не била позната по тоа што се обидувала да обезбеди храна и облека за затворените деца, ниту пак поради злосторствата на кои им сведочела. Таа била првенствено позната по тоа шо во летото 1942 година,  организирала, како што самата велела, „акција“ за спасување на децата од логорот.

Користејќи го својот статус на граѓанин на Рајхот, таа безмилосно се залагала кај црквата и локалните власти да преземат одговорноста за интернираните деца. Иако неволно, се чинело дека тие се вклучиле во тоа, што довело до понатамошно преместување од логорите и на крајот до капмања за посвојување.

Иако Будисављевиќ честопати во својот дневник очајувала поради неподготвеноста на овие институции да им помогнат на децата, фактот дека контролата врз сирачињата, во август 1942 година, од рацете на војската, формално поминала во рацете на црквата и на социјалните власти, честопати се користи како „доказ“ за добронамерноста на црквата, а понекогаш и на самиот усташки режим.