Директорот на Си-Ен-Ен, Џеф Цукер денеска поднесе оставка поради романтична врска која не ја пријавил, со неговата колешка Алисон Голуст, маркетинг директорка.
За нивната врска прв пат се слушна за време на истрагата за мандатот на поранешниот водител на CNN, Крис Куом, кој беше отпуштен во декември 2021 година поради учество во политичките работи на гувернерот на Њујорк, Ендрју Куом, негов брат.
„Како дел од истрагата за мандатот на Крис Куом на CNN, ме прашаа за односот со мојата најблиска колешка со која работев повеќе од 20 години. Признав дека нашата врска еволуираше во последните години. Од мене се бараше да ја пријавам таа врска веднаш штом започна, но јас не го направив тоа. Не бев во право. Затоа денеска поднесувам оставка“, напиша Цукер во соопштението за неговата оставка.
Тој во изјавата не го наведе името на колешката, но тоа го направи Си-Ен-Ен. Според нивниот текст за оставката на Цукер, станува збор за Алисон Голаст, директорка за маркетинг на CNN, која не поднела оставка.
„Јас и Џеф сме блиски пријатели и професионални партнери повеќе од 20 години. Нашиот однос се промени неодамна, за време на пандемијата со коронавирусот. Жал ми е што тоа не го пријавивме во вистинско време. „Неверојатно сум горда на времето поминато на CNN и со нетрпение очекувам да продолжиме со одличната работа што ја работиме секој ден“, напиша Голаст во изјавата.