Директно од Лос Анџелес екипата на „Медена земја“ порача: Две номинации е подобро од еден Оскар, сменивме историја

570

„Најважното беше што Атиџе беше присутна. Ние со филмот нашето го направивме и сметаме дека успехот е постигнат, бидејќи земањето на Оскарот вклучува многу други политики. Она што го направивме со филмот и со двете номинации е нешто што нема да се повтори во брзо време и тоа е тоа што треба да се запамети“, истакна режисерката Тамара Котевска. „Ја сменивме историјата и начинот на гласање на Академијата. Документаристиката од сега ќе се гледа малку поразлично, тоа е едно од поголемите достигнувања“, вели продуцентот Атанас Георгиев

„Две номинации е подобро од еден Оскар. Најзначајното е што со ‘Медена земја’ сменивме историја“, рече продуцентот Атанас Георгиев, посочувајќи дека не треба да жалиме што не ја добивме златната статуетка. Ова до македонската публика, на прес-конференцијата организирана во Младинскиот културен центар пренесувана онлајн од Лос Анџелес, го порача екипата на „Медена земја“ откако присуствуваше на 92. Свечена церемонија на доделувањето на наградите на Американската филмска академија. Како што е познато, македонскиот документарец „Медена земја“ за престижниот Оскар беше номиниран во две категории за најдобар документарен и интернационален филм. Шестчлената екипа едногласно посочи дека нема никакво разочарување од недобивањето на Оскарот. За коснимателот Самир Љума, никој од номинираните на Оскарите не е губитник бидејќи сите зад себе имаат дела кои ќе останат запаметени. „Се надевам дека нема да поминат 25 години за да некој друг од кај нас направи дело кое ќе биде препознаено во светот“, додаде тој.

Запрашани за впечатоците од оскаровската ноќ, членовите на „Медена земја“ со сопствени импресии. За коснимателот Фејми Даут, ова е посебно искуство. „Ова не се случува секој ден, иако е нешто што го очекував и сонував можеби 20 години откако почнав да се занимавам со оваа професија“, додаде Даут. За режисерката Тамара Котевска Оскарите се настан кој вреди да се доживее. „Најважното беше што Атиџе беше присутна. Ние со филмот нашето го направивме и сметаме дека успехот е постигнат, бидејќи земањето на Оскарот вклучува многу други политики. Она што го направивме со филмот и со двете номинации е нешто што нема да се повтори во брзо време и тоа треба да се запамети“, истакна таа. За корежисерот Љубомир Стефанов најважната работа е што овој филм е направен на крајно ентузијастична основа. „Драго ми е што еден таков потфат го направивме сами, без големи пари, без големи продукции, без скапи опреми. Само со добра идеја и многу ентузијазам дојдовме до две номинации за Оскар“, посочи Стефанов.

Бевме рамо до рамо со големи ѕвезди

Како и неговиот колега Даут, и снимателот Самир Љума уживал на црвениот килим. „Реакцијата на оние кои ги запознавме и кои го гледале филмот е неверојатна, а бевме рамо до рамо до големи ѕвезди. Јас лично не сум можел да сонувам дека ќе бидам еден ден до нив на црвениот килим. И реакцијата за Атиџе да биде на црвениот килим исто беше голема. А имаше голем број ѕвезди кои сакаа да се сликаат со неа“, додаде Љума.

За монтажерот и продуцент на филмот Атанас Георгиев важно е што овој филм пренесува универзална порака и тоа низ целиот свет. „Ја сменивме историјата и начинот на гласање и на Академијата. Документаристиката од сега ќе се гледа малку поразлично, тоа е едно од поголемите достигнувања. Ова што ни се случи, иако не добивме Оскар, е дека и овие две номинации значат огромен успех и поттик сè повеќе гледачи да го видат филмот, што е најзначајната работа за еден автор“, истакна Георгиев. Запрашан што би кажал, ако го добиеше Оскарот, тој рече дека е научен на импровизација. „Нешто ќе пецнев, но јас веќе пецнав со филмот кој го направивме и пораката е јасна“, додаде тој.

Да се бориме со „Американ фектори“ е како да се бори пиле со гризли

Запрашан што беше пресудно Академијата да го избере „Американска фабрика“ за Оскар, Георгиев, со оценка дека овој филм е одличен. „Филмот има свои квалитети и тоа е исклучителна приказна значајна за целиот свет. Да се бориме со нив е како едно пиле да се бори со гризли мечка. Сепак, зад тој филм стои ‘Нетфликс’ и новоотворената продукција на Мишел и Барак Обама. Академијата колку и да има голем број членови кои сакаат да гласат најобјективно, сепак најголем број членови се Американци и национален момент победува. Тоа што темата се однесува на Америка влијаеше за да го изгласа, но ние бевме блиску до нив“, рече тој. Котевска, пак, додаде дека овие документаристи имаат направено многу и ова им е четврта номинација. „Добро е што политиката на ‘Оскарите‘ е многу сменета и никогаш до сега не се случило во номинациите четири филма да не се од Америка“, истакна Котевска. Таа додаде дека сите документаристи, кои биле годинава во конкуренција за Оскар и кои ги запознале велат дека и тие поминале низ специфични животни ситуации со филмовите кои ги снимале. Токму затоа имало и голема солидарност меѓу нив. „Имаше преубав момент, пред да ги најават номинациите на самите Оскари. Бидејќи седевме сите заедно оние кои бевме номинирани се гушнавме и се договоривме, барем тимот на ‘Медена земја’ и ‘За Сама’ дека доколку некој од нашите филмови добие Оскар, ќе излеземе сите номинирани документаристи на сцената. Меѓутоа, поради организацијата на Оскарите тоа не беше возможно“, одговори Котевска потсетувајќи на корежисерката на филмот „Американска фабрика“ што се закити со Оскар, а која ја спомена Македонија. Објаснувајќи ја разликата меѓу документарната и играната продукција, таа рече дека има разлика кога се прави филм со реални личности, и кога се прави филм со измислени ликови. „Во овој случај одговорноста е многу поголема, и тие личности не си заминуваат од твојот живот. Тука се“, рече таа.

Во однос на дебатите кои се водат за застапеноста на жените во номинациите за Оскар и тоа што во категоријата документарец има дури четири жени, Котевска за своето искуство посочи: „Тоа е голем тренд во Америка, многу е битно да се каже дека повеќето од номинираните филмови се корежирани од жени. Поубавиот момент е што мажи и жени заедно соработувале и ги направиле филмовите. Жените кои ги запознав беа за пример, па така имаше мајка со две деца која снимала во војна, преку Џулија, болна од рак која направи филм до жена која се бори против својот режим во Бразил. Тие се храбри, заземаат ризични чекори и тоа е битно, а сепак имаат во себе солидарност и човечност“, додаде таа.

Што се однесува на контактите остварени во Холивуд и дали има на повидок нови проекти, режисерите одговорија дека сега нема да откриваат многу. „Најважно е што секој сега сака да прави. Дали ќе прави нов филм, дали сака ангажман за „Нетфликс“ или некоја таква продукција. Номинациите носат некакви олеснувања за доаѓање до финансии, за наоѓање на копродуценти. Јас лично имам веројатно повеќе шанси сега“, додаде Стефанов кој по патешествието од пет години сака да почне со работа на нов проект. Коснимателот Самир Љума потврди дека дури и директорот на фотографија на Мартин Скорсезе, Родриго Прието сакал да се запознае со екипата на „Медена земја“, а филмот имал и повеќе фанови меѓу славните личности во Холивуд. „И Хоаким Феникс е фан на Атиџе и на филмот. И Тод Филипс режисерот на Џокер, како и кинематограферот Роџер Дикенс“, додаде тој.

Инаку екипата на „Медена земја“ ќе биде наградена со три милиони денари од страна на Владата, додека Градот ќе ги награди со шесто илјади денари. (Н.И.Т. – Д.Т.)

Атиџе: Најмногу ми се допадна што го видов океанот

„Најмногу ми се допадна што го видов океанот“, кажа Атиџе, прашана што ѝ оставило најголем впечаток во Лос Анџелес, откако претходно на македонската публика испрати порака преку песна, која вели: Грешни, не грешни, јас ќе ги вратам, „Медена земја“ сè ќе ви прости! Запрашана, пак, за импресиите од Оскаровската ноќ, Атиџе кратко одговори дека е задоволна, но едвај чека да си дојде дома. „Си одам дома и најбитно ми е пчелите да ги гледам, тоа ми е најбитно. Тие сега спијат, но пак ме чекаат мене, бидејќи од ‘Медена земја’ добив куќа, не од друго“, рече таа посочувајќи дека како нашиот мед во Македонија нема таков никаде. „Веднаш чувствувам, како што е нашиот никаде нема. Особено како од родниот крај. Подобро е пчелите да се во Бекирлија, отколку во Дурфулија“. Инаку, на новинарите Атиџе им порача дека засега сака да биде на раат од интервјуата. „Имам работа со пчелите“, додаде Атиџе како реакција на големата медиумска заинтересираност за нејзиниот живот по номинациите за Оскар на „Медена земја“.