Септември донесе нови европски дипломати во Скопје, додека Ивица Боцевски е именуван за специјален претставник на македонската Влада при унгарското претседателство со Советот на Европската Унија. Неговото назначување доаѓа во период на шестмесечното претседавање на Унгарија со Советот на ЕУ, кое почна на први јули, а ќе заврши на 31 декември годинава и се совпаѓа со воспоставувањето „специјална економска соработка” меѓу Македонија и Унгарија, која започна со договорениот заем од 500 милиони евра од Унгарија за земјава, по што следуваше и најавата за влез на унгарскиот телекомуникациски оператор „4iG“ во Македонија, со кој македонските власти потпишаа и меморандум за разбирање. Иако Будимпешта е на кормилото на ЕУ овие шест месеци, познавачите велат дека адресата на која треба да се обрати Скопје за евроинтеграциите е – Брисел. Токму таму овие два дена престојува македонскиот министер за европски прашања, Орхан Муртезани, кој денеска разговараше со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, а на агендата се средби и со претставници на други институции на ЕУ.
Муртезани истакнал пред Вархеји дека македонската Влада е спремна за суштински дијалог со Бугарија, кој треба да заврши со надминување на пречките на нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија, притоа заштитувајќи ги интересите на двете земји. На средбата станало збор и за предизвиците и за пречките на патот на земјава кон полноправно членство во Европската Унија, вклучително и за уставните измени.
– Тоа што е битно во моментот е што Европската Унија стои силно зад Република Северна Македонија во можноста за изнаоѓање начин за надминување на овој спор. Го информирав комесарот дека, како Влада, сме спремни за суштински дијалог со нашиот сосед Република Бугарија, дијалог што сметаме дека е неопходен и треба да заврши со надминување на овој проблем, притоа заштитувајќи ги интересите на двете земји – изјави Муртезани за МИА и додаде дека разговарале со Вархеји и за имплементацијата на Планот за раст на Западен Балкан.
Во исто време, Брисел, Париз и Софија ги сменија амбасадорите во Македонија, што, според дел од познавачите, претставува можност ова ново амбасадорско трио да го рекомпонира францускиот предлог и да се дојде до „француски предлог плус”, како што го нарече премиерот Христијан Мицкоски, за да се одблокира евроинтегративниот процес на Македонија кон ЕУ.
Новиот евроамбасадор во Македонија, Гркот Михалис Рокас, на 2 септември влезе во Делегацијата на ЕУ во Скопје и почна да ја извршува новата функција. Рокас е првиот Грк на ваква евроамбасадорска функција во земја кандидат за членство во ЕУ и тоа токму во Македонија, со која неговата земја имаше тридецениски спор и го кочеше напредокот на земјава кон Унијата.
Рокас доаѓа на чело на Делегацијата на ЕУ во земјава во период на препукувања меѓу Скопје и Атина за тоа кој го почитува, а кој го крши Преспанскиот договор и на негодувања од јужниот сосед за употребата на Македонија без придавката „северна“.
Во Македонија има и нов бугарски амбасадор откако му заврши мандатот на актуелниот, Ангел Ангелов. Деновиве, на амбасадорската должност стапи Жељазко Радуков. Радуков бил предложен од претходната министерка за надворешни работи, Марија Габриел. На функцијата во Скопје доаѓа од дирекцијата „Југоисточна Европа“ на бугарското МНР, со претходно искуство во нашата и во други земји од Западен Балкан.
Има рокада и во француската дипломатија. Досегашниот француски амбасадор, Сирил Бомгартнер, замина од земјава, а на оваа позиција дојде искусниот дипломат Кристоф Ле Риголер.
Ле Риголер има работено во амбасадите на Франција во Мексико, Узбекистан и во Украина, потоа во Генералниот конзулат на Франција во Солун, а на функцијата во Скопје доаѓа од Одделот за Европа до Министерството за надворешни работи.