Димитров: Признавањето на напредокот на Северна Македонија би го зајакнало европското влијание во регионот

101

Министерот за надворешни работи Никола Димитров смета дека ако ЕУ не и даде зелено светло на Северна Македонија за отворање на пристапните преговори, тогаш тоа би имало негативно влијание и би и наштетило на веродостојноста на Унијата во регионот.

Во интервју за виенскиот весник „Стандард“, министерот Димитров оценува дека признавањето на напредокот на Северна Македонија би го зајакнало европското влијание во регионот и би се испратила порака до другите држави дека се наградуваат храбрите одлуки и резултати.

Тој посочува дека Северна Македонија веќе 14 години е затворена во чекалната на ЕУ и оти сега државата сака да ги почне преговорите бидејќи тие се најдобар инструмент за реформа.

– Одлучни сме да станеме европска држава не само со тоа што ќе ги отвориме поглавјата и ќе ги затвориме веќе со промените во општеството така што ќе воспоставиме демократија, ќе имаме независни судии, слободни медиуми и поделба на власта. Тоа е единствениот одговор на одливот на висококвалификуваната сила која го бара својот дом надвор од Европа. Мораме Европа да ја донесеме во нашата земја, вели Димитров.

Прашан дали Преспанскиот договор би можел да биде пример за решавање на косовското прашање, министерот Димитров во интервјуто вели дека Северна Македонија не е заинтересирана за каква било голема држава на Балканот и оти единственото што посакува е голема Европа.

– Грција и Македонија во одредена смисла станаа големи без да променат некакви граници. Тоа многу зборува за нас како ги третираме соседите, истакнува Димитров.

Според него, само ако Западен Балкан стане европски, тогаш може да се намали миграцијата. Посочува дека доколку нема европска перспектива за регионот, тогаш проевропските сили, односно оние кои се залагаат за реформи, ќе бидат ослабени, а многумина ќе развиваат алтернативни стратегии – авторитарен облик на владеење и ќе се вртат кон други центри на политичка моќ.

– Ако на светот постои регион во кој ЕУ има големо влијание, тоа е Западен Балкан. А ако ЕУ не биде во состојба да биде одлучна во тој регион, тогаш нејзиното настојување да биде глобален играч би било доведено во прашање, вели Димитров во интервју за виенски „Стандард“.