Приоритетите на словенечкото претседателство со ЕУ во следните шест месеци, покрај пријателска поддршка за нас и за регионот, претставува и принципиелен однос во полза на кредибилноста на самата Унија, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на средба во Љубљана со државниот секретар во Министерството за надворешно работи на Словенија и актуелен претседавач со Советот за општи работи на ЕУ, Гашпер Довжан.

„Заедничкото минато со Словенија се надоврзува на стремежот за градење заедничка, европска иднина. Приоритетот на словенечките пријатели за следните шест месеци од нивното претседавање со ЕУ, покрај пријателска поддршка за нас и регионот, претставува и принципиелен однос во полза на кредибилноста на самата Унија“, истакна Димитров.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, во светло на заедничкиот интерес за заокружување на процесот на обединување на Европа, Димитров во Љубљана разговараше и со летонскиот министер за надворешни прашања Едгарс Ринкевичс и словачкиот државен секретар за европски прашања Мартин Клус.

„На средбите беше реафирмирана поддршката за отпочнување на преговори со оглед на фактот дека Северна Македонија ги исполни сите услови. Тие се согласија дека е потребен итен исчекор во процесот на проширување на Унијата“, се наведува во соопштението.

По билатералните средби, Димитров вечерва ќе учествува на неформалната вечера на шефовите на делегации од Западен Балкан.

„Билатералната агенда на Димитров продолжува утре со средби со претставници на Франција, Ирска, Италија, Луксембург, Финска, Литванија, Естонија, Шведска и др, по пленарните сесии на неформалниот состанок на Советот за општи работи (ГАК)“, се додава во соопштението на СЕП.