Димитриеска Кочоска: Животниот стандард на граѓаните е нарушен, коруптивната власт зголеми ДДВ на производи кои не се луксузни

52

Ние отсекогаш зборуваме дека инфлацијата кај нас не е само резултат на увезена инфлација, туку има и домашни фактори кои влијаат на зголемување. Кај нас инфлацијата започна порано. Има во континуитет несигурност кај приватниот сектор која постојано се менува. Имаше замрзнување на трговски маржи, па замрзнување на цени, па одмрзнување, па повторно замрзнување, па фокусот беше на производителите, па на трговците.  Комплетен хаос, изјави потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска за „Тема на денот“ во Дневникот на Сител.

Таа посочи дека власта при висока инфлација почна да зборува за даночните реформи, го воведоа Законот за данок на солидарност и тоа создава ненормална атмосфера за приватниот сектор кој не знае што го очекува утре и како резултат на тоа ние имаме поголема инфлација.

– Во исто време кога имате зголемени плати на функционерите праќате порака на сите останати дека и тие треба да имаат очекувања и револтот почнува. Секој бара повисока плата затоа што животниот стандард е нарушен и ако може функционерите зошто не може другите, додаде Димитриеска Кочоска.

Во однос на цените таа додаде дека и хаосот е огромен, само во декември минатата година имаше раст на храна за повеќе од 32-33%  во однос на претходната година.

– Што значи дека со замрзнувањето на цените прашање е што ќе се случи откако ќе се одмрзнат. Во исто време се товарат истите компании со даноци, а не се сузбива сива економија, се менува начин на работа, зголемени трошоци и сето тоа има влијание и затоа со замрзнувањето се купува месец, два, а после има нагли скокови. Сега зголемија ДДВ на огромен број на производи на кои не би рекла дека се луксузни. Во исто време покажуваат колку се неспособни и колку се коруптивни, потенцираше Димитриеска Кочоска.

Димитриеска Кочоска нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ кога ќе ја формира владата ќе направи ревидирање на листата затоа што констатирани се производи кои не се луксузни и не може да се даночат со повисока стапка.