Димитриевски реагираше на денешниот протест на превозниците во Куманово

107

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски попладневно реагираше за денешниот протест на превозниците во Куманово. Тој пишува дека нема да отстапи од барањата да се обезбеди, како што вели, квалитетен и сигурен превоз и дека нема да дозволи да се блокира превозот во градот и да се манипулираат граѓаните.

– Денеска протестираа дел од фирми превозници во градот под наводно образложение дека не се почитува законот од страна на општина Куманово. Токму неколку од тие фирми кои го поттикнаа и организираа протестот на име училишен превоз, од буџет от во последните петнаесет години имаат инкасирано 912.268.000 денари (над 14,8 милиони евра), плус дополнително наплатени билети за јавен превоз на граѓаните, а притоа услугите кои ги добивавме за нив најдобро сведочат граѓаните, нередовни линии, стари возила, неистакнат возен ред итн, вели Димитриевски.

Кумановскиот градоначалник наведува дека договорот со превозниците бил склучен во 2016 година пред неговиот прв мандат и нагласува дека сега е време Куманово да добие јавен превоз, како што му доликува на модерен и урбан град.

– Значи, не се протестира од страв за граѓаните, се протестира поради профитот којшто се остварува без притоа да се исполнат стандардите на општината на јавниот оглас, а воедно се блокира превозот во општината и се вршат обиди да се манипулираат граѓаните. Јас ќе продолжам да се водам по граѓанските и јавни интереси, личните амбиции на поединци кои имаат бизнис-политички мотиви нема да ме спречат во намерата да продолжам да работам за наше Куманово, објави Димитриевски.

Денеска во Куманово протестираа превозниците за одлуките донесени од општинската комисија за уредување на линискиот превоз и градоначалникот. Нивниот правен застапник, Виктор Божиновски, најави дека повторно ќе ја обжали постапката до второстепената комисија која овојпат мора да одлучи мериторно.

Во долгата постапка, Куманово во моментов има превоз за 15 од вкупно 26 линии. Граѓаните и особено родителите на учениците се револтирани, бидејќи немаат превоз за четири линии и мора да плаќаат такси кое од неодмана е поскапо за 20 денари.