Дивата депонија меѓу Балинци и Марвинци ќе ја чистат комуналци

115

По неколку еколошки акции кои беа реализирани во рамки на националната еколошка програма, Општина Валандово за деновиве најави и чистење на дивата депонија меѓу селата Балинци и Марвинци, што ќе биде реализирана од вработените на јавното комунално претпријатие од Валандово.

– Оваа дива депонија практично ја користат жителите од сите населени места во регионот на Бојмија, за депонирање на секаков вид отпад, поради што веќе претставува сериозна закана за здравјето на населението и животната средина, од причина што се проширува нејзината територија меѓу споменатите села – велат од Општина Валандово.

Во функција на најавената акција за чистење и затворање на дивата депонија, градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, вчера упати апел до граѓаните да бидат свесни, совесни и одговорни со што ќе дадат голем придонес во заштитата на природата и средината во која живеат.