Деца зад решетки, студ и глад: Хорор во карантинските кампови во Кина

100

Кина изгради мрежа кампови за карантин како дел од стратегијата на Комунистичката партија за целосно искоренување на случаите на коронавирус. Медиумите објавија снимки на кои се гледа како луѓето кои престојуваат во овие кампови живеат во очајни услови.

На снимката се прикажани луѓе, вклучувајќи мали деца и бремени жени, во мали, тесни контејнери со едноставни дрвени кревети и тоалети. Други снимки покажуваат мажи во заштитни одела како им даваат храна на луѓето кои престојуваат во објектите.

Исто така, на некои снимки, чија автентичност не е потврдена, може да се забележат деца зад решетки.

Според пишувањата на светските медиуми, во камповите има илјадници луѓе, меѓу кои и постари жени, трудници, мажи, деца и стари лица. Многумина се пожалија дека камповите се студени и оти не се дава доволно храна.

„Тука нема ништо, само основни потреби … Никој не дојде да не провери, каков карантин е ова? Ноќе беа донесени повеќе од 1.000 луѓе, а многумина сме стари и деца. Не направија никакви соодветни аранжмани и затоа само не сместија овде“, изјавил еден жител на кампот, пренесува Би-Би-Си.

Претходно во медиумите се појавија информации за граѓани кои наводно со автобуси биле превезувани во овие карантински кампови среде ноќ, откако им било наредено да ги поминат следните две недели во камп.

Како и поголемиот дел од кинеската стратегија за ковид, камповите остануваат обвиткани со мистерија и гласини – со само фрагменти од информации кои протекуваат од строго контролираниот режим.

 

Милиони луѓе под клуч

Кинеската национална здравствена комисија донесе одлука за изградба на кампови на крајот на минатата година. Во моментов, три мултимилионски градови се ставени во целосна изолација, и покрај тоа што земјата евидентира само 157 случаи на зараза со коронавирусот низ целата земја.

Околу 20 милиони луѓе сега се во карантин, а градот Ањанг е затворен по само два случаи на инфекција со омикрон. Под клуч е и градот Тјенцин, кој има 14 милиони жители. Таму беа откриени 97 случаи на коронавирус, па беше наредена втора рунда масовно тестирање за ковид.

Жителите на градот Сијан исто така се во карантин поради нови случаи на инфекција. Сите 13 милиони жители со денови се затворени во своите домови и не можат да одат да купат храна или залихи. Тие можат да излезат од дома само за да се тестираат за коронавирус, поради што е организирана и бесплатна дистрибуција на храна.

Немилосрден режим

Снимки на кои се гледа како кинеските власти постапуваат во пандемијата се појавија и во 2020 година и ја покажаа ситуацијата во Вухан. Познато е дека Пекинг жестоко ја промовираше својата стратегија за затворање на почетокот на пандемијата, откако вирусот првпат се појави во Вухан.

Во јануари 2021 година, беа објавени слики на кои Кина гради масивен карантински камп за повеќе од 3.000 луѓе надвор од градот Шишаџуанг.

Слични фотографии се појавија и во 2021 година во Путиан во индустрискиот дел Руифенг. Се чини дека се работи за ист тип на структури прикажани на снимката што сега кружи на Интернет.

Блумберг во октомври 2021 година објави дека Кина им наредила на градските власти да изградат места за престој, со најмалку 20 соби на секои 10.000 жители.

Тоа би значело дека карантинскиот објект изграден во Пекинг бара околу 42.880 соби за изолација. Официјален претставник на кинеската Национална здравствена комисија вели дека треба да се спречат објектите за карантин да станат „расфрлани“ и „неорганизирани“.

Се верува дека Кина применува такви строги мерки за да ја потисне пандемијата пред Зимските олимписки игри.