Децата во базените за пливање се под будно око на спасителите на вода

272

Во последните пет години спасителите на вода при Црвениот крст на град Скопје имале од 900 до 1.400 интервенции за спасување на давеници, од кои 10% се активни. – Најмалата возраст се деца од четири години. А, тоа се должи на опуштеноста на родителите, сметајќи на спасителите. Некогаш само да им удоволат на своите деца, несвесно ги доведуваат во опасност, пуштајќи ги на реквизитите, на пример во аквапаркот кои не смеат да ги користат помалите, вели за весникот ВЕЧЕР, Арѓенд Чиљаси, стручен соработник во Црвениот крст на град Скопје и координатор на спасителите на вода

 

Најмладите заедно со своите родители ги посетуваат базените за пливање и аквапаркот кој е во рамки на СРЦ „Борис Трајковски“. Таму се и под будното око на спасителите на вода на Црвениот крст на град Скопје кои секогаш скокнуваат во вода ако треба да се спаси од давење некое дете.

Арѓенд Чиљаси, стручен соработник во Црвениот крст на град Скопје и координатор на спасителите на вода за весникот ВЕЧЕР сподели некои настани што во изминатиов период се случиле во базените или во аквапаркот. Вели дека поразителен е фактот дека младите генерации не знаат да пливаат.

– Се намалува старосната граница на деца кои стануваат активни давеници во скопските базени. Најмалите давеници имаа само 4 години. Младите генерации не се свесни за ризиците во вода. Ни треба едукација како да се однесуваме во водена површина – дециден е Чиљаси кој потсети дека во последните пет години имале од 900 до 1.400 интервенции за спасување на давеници.

Десет проценти од нив се активни давеници. Тоа се должи на опуштеноста на родителите и сметајќи на спасителите.

– Некогаш само да им удоволат на своите деца, несвесно ги доведуваат во опасност, пуштајќи ги на реквизитите, на пример во аквапаркот каде не смеат да ги користат помалите – вели Чиљаси.

Тој додава дека во базените и аквапарковите се сретнале со најразлични, но и сериозни ситуации кога требало итно да се интервенира.

– Пред две години во аквапаркот мораше да интервенираме на дете на кое утрината родителите не му ја дале терапијата, а е со претходна историја на болест. Тоа беше и гладно, иако беше со еден од родителите. При крајот на работното време детето колабираше на една од кулите, па беше потребна посериозна интервенција од страна на спасителите. По укажаната помош и направени напори да се доведе во стабилна состојба, детето беше транспортирано во болница. Работата на нашиот тим завршува до моментот кога лицето ќе се предаде во болница. Секоја година имаме по некој тежок случај. Не е сеедно да се извлече од вода, посебно кога се работи за четири или петгодишно дете. А, негрижата на родителите може да доведе до фатален крај. Колку и да има спасители, родителите на малите деца треба да внимаваат на нив – смета Чиљаси.

Исто така, дете на четиригодишна возраст, лани, се давело во Олимпискиот базен откако ги извадило гумите на рацете и скокнало во базенот.

– Родителот не го ни забележа детето дека се дави. Виде дури кога спасителите го извлекоа од водата. Мислеше дека детето се лизнало од плочките, па се повредило и затоа напомош му притекнале спасителите. Дури кога спасителот му кажа дека неговото дете се давело, тогаш родителот стана свесен што всушност се случило – нагласи Чиљаси.

Тој посочи и на случај на мајка со мало дете кои се спуштале со гума во аквапаркот.

– Мајката се обидуваше да го спаси детето, но при падот, детето повторно дојде во иста позиција, па напомош пристигнаа спасителите и ги извадија и детето и мајката – раскажува Чиљаси.

Инаку, спасителите на вода при Црвениот крст на град Скопје поседуваат лиценца за работата што ја работат и ја обновуваат на секои три години по низа курсеви. На курсот што Црвениот крст на град Скопје го организираше за спасители на затворени води од 1 до 7 јули годинава, лиценци добија девет нови спасители.

– При Црвениот крст постојат и Центарот за отворени води во Охрид и Центарот за безбедност на вода во Скопје, што оперира во затворени води, каде организирано се тренираат нови спасители за базени и во аквапаркови. Согласно со програмата секоја година се организираат 3 до 4 курса на затворени води. Годинава, бидејќи сè уште нема јасни протоколи од Владата, планирано е да се одржи само уште еден кон крајот на ноември – најави Чиљаси.

Обично, за време на летната сезона се ангажираат од 30 до 40 спасители кои оперираат на шест затворени водни површини. Чиљаси вели дека немаат информации за аквапаркот, бидејќи не работи, а кога ќе се отворел би биле ангажирани 30 спасители, вклучувајќи и медицински лица и парамедици.

Во моментот Црвениот крст располага со околу 70 спасители, но таа бројка, како што вели Чиљаси, варира од година во година, бидејќи сите спасители не ја обновуваат лиценцата или заминуваат од државата.

(А.П.)