Деспотовски очекува рекордното ниво на извоз од ТИРЗ да се надмине во 2022 година

18

Од технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) во изминатата година се извезени производи во вредност од досега рекордни над три милијарди евра што е за 6,5 проценти повеќе во однос на 2019 година и околу 15 проценти повеќе од 2020 година.
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски очекува рекордното ниво на извоз да се надмине во 2022 година врз основа на договорите што се потпишани во 2021 година или се во фаза на формално одобрување во Владата за отворање на нови капацитети во зоните во вредност од 188 милиони евра со планирани над 2700 вработени. Во наредните три години просечната нето плата на овие 2700 вработени треба да достигне до 843 евра, а вкупните приходи во Буџетот во наредните 10 години од овие вработувања се очекува да достигне до 150,8 милиони евра и извоз од 3,2 милијарди евра.
-Заедно со овие 2700 работни места во наредните три години очекуваме раст на вкупниот број на вработени од 19,3 проценти и зголемување на нивото на извоз во следните 10 години од 106,67 проценти. Тоа значи дека ќе го удвоиме нивото на извоз само од овие капацитети за кои имаме постигнато договори во 2021 година и од моментното ниво од три милијарди евра во 2031 година очекуваме нивото на извоз без растот на постојните компании и новите инвестиции, значи само со тоа што е постигнато како договор во 2021 година да се качи на некаде над шест милијарди евра, рече Деспотовски на денешната прес-конференција во Владата.
Во фаза на преговори, како што кажа, се инвестиции од околу 300 милиони евра со кои треба да се отворат нови 1500 работни места, за кои очекува да се реализираат во тековнава година.
Според анализата на ТИРЗ што денеска ја презентираше тој, бројот на вработени во ТИРЗ е нешто над 14 000 што е за 8,1 отсто повеќе отколку во 2020 година. Очекува да продолжи трендот на пораст на бројот на вработени во ТИРЗ и во тековната година, како и да се зголеми просечната плата од сегашните 480 евра на 843 евра во 2025 година.
Лани во целата година во позитива бил нето извозот кој бил најголем во ноември и се очекува трендот да продолжи и годинава.