Депонија во дворот на Мајчин дом

136

Од Мајчин дом велат дека не се работи за реновирање, ниту пак за дислоцирање. Креветите и другите предмети се донесени овде по реконструкција на неколку болници во  Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Од Министерството за здравство за весникот ВЕЧЕР велат дека во моментов се чека на датум за лицитација за да се откупат и дека постапката ќе заврши во најбрз рок

Ако патот ве води во Мајчин дом, ќе се соочите со непријатна глетка. Во дворот на оваа медицинска установа можат да се забележат како на куп се оставени стари болнички кревети и друга столарија. Практично дел од дворот е претворен во мини депонија.

За тоа што се случува и зошто кабаст отпад има во дворот на Мајчин дом, дали е во прашање реконструкција на објектот или негово уривање, заради дислокација, одговор најпрво побаравме од вработените на установата. Оттаму за весникот ВЕЧЕР велат дека не се работи за реновирање на ортопедската клиника, ниту пак за дислоцирање.

– Не се работи за реновирање, ниту, пак, за дислоцирање. Установата останува овде. Овие кревети и други предмети се донесени овде и се за расходување. Тие се донесени овде од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Се реконструираа клиниките за Ортопедија, Карил и Ургентниот центар, па овие стари предмети се донесени кај нас бидејќи немале место каде ги остават – објаснија од Мајчин дом.

Од установата додаваат дека треба да помине одредена постапка, да се состане Управниот одбор за да се расходуваат предметите и потоа ќе бидат земени од дворот и однесени во депонија.

Од Министерството за здравство потврдуваат дека креветите во поликлиниката Мајчин дом се дел од расходот на Универзитетските клиники за трауматологија, Ортопедски болести, Анестезија, Реанимација, Интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАRILUC).

– Целата постапка е помината на седница на Влада. Во моментов се чека на датум за лицитација за да се откупат. Постапката ќе заврши во нај брз рок –  потенцираат од Министерството за здравство.

Оттаму додаваат дека во меѓувреме креветите се на простор кој не се користи и при тоа, нема пречки во секојдневното одвивање на работниот процес.

(А.П.)