Депонијата Краста ќе стане претоварна станица за управување со отпад за општините од североисточниот регион

76

Претоварната станица за складирање на отпад од општините од североисточниот регион ќе се наоѓа на постоечката депонија Краста, информираше на последната седница на советот на општината, кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски. Советниците ја изгласаа предлог одлуката за формирање заедничко претпријатие за регионално управување со отпад, а ја ставија вон сила претходната одлука донесена кон крајот на минатата година за формирање на претпријатие кое ќе управува со отпад наменето за 18 општини од североисточниот и источниот плански регион.

Претоварната станица ќе биде современа, опремена со посебни технологии и ќе има можност за рециклирање, појасни Димитриевски, прашан од советникот од опозицијата, Сашо Стошевски дали отпадот што ќе опфати поголема територија од границите со Арачиново, па се до Крива Паланка ќе се носи во Куманово.

Димитриевски рече дека ова е голема инвестиција, од ЕУ грант средства кои треба да се искористат и нагласи дека управувањето со отпад ќе биде современо и еколошки и економски исплатливо за сите општини. Кумановскиот градоначалник додаде дека веќе е обезбедена одредена количина камиони за кумановското комунално претпријатие, во втората фаза е предвидено да се добијат контејнери, а во третата фаза ќе пристигнат поголем камиони влекачи со кои ќе транспортира отпадот до претпријатието кое ќе биде лоцирано во Свети Николе.

– Проектот е наследен, студијата е изработена од експерти од европски држави, одличен проект, кој можам да кажам доцни поради бирократија и политика. Во минатото составот на градоначалниците беше таков од различни политички партии. И сегашните градоначалници, доста преговаравме разговаравме и добро е што воопшто се имплементира таков проект ќе се реши проблемот со отпад на сите општини. Во еден момент кога беше прикажана видео презентацијата понудив Куманово да биде седиште на претпријатието, рече Димитриевски, додавајќи дека градот од сите општини е нејголем генератор на отпад.

Во современата претоварна станица ќе има можност за рециклирање, ќе се применуваат нови методи од кои само бенефит можат да имаат и граѓаните на Куманово, како и жителите на Пчиња кои во минатото реагираа на миризбата. Димитриевски потсети дека последниве три години депонијата Краста е уредена и немало опожарување.