„Денови на европско Скопје” од 25 октомври до 20 ноември

153

Манифестацијата „Денови на европско Скопје”, која има за цел на автентичен и поинаков начин да го одбележи празникот 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Градот, годинава ќе се одржи од 25 октомври до 20 ноември во Скопје.

Елизабета Кузмановска од Дирекција за култура и уметност на Скопје, која е организатор на проектот, на денешната прес-конференција соопшти дека настанот ќе биде отворен во петок со изложбата „Дрезден: Лица/Простор/Време” во Културно информативниот центар, од фотографите Иван Блажев, Александар Кондев и Матијас Шуман.

Фотографот Иван Блажев на прес-конференцијата истакна дека тема на изложбата е градот Дрезден.

– Изложбата и фотографиите се дел од Програмата за размена во областа на културата меѓу градовите Скопје и Дрезден. Овој проект започна уште во 2017 година, кога Матијас Шуман во рамки на таа програма за размена беше во Скопје, фотографираше во Скопје и одржа изложба со неговите фотографии од Скопје. Потоа проектот продолжи лани кога во Дрезден тие фотографии од Скопје беа прикажани на изложба, придружени со моите фотографии и фотографии на Кондев. Во тој период остваривме авторска резиденција од 10 до 12 дена, каде го фотографиравме Дрезден и оваа изложба е премиерно прикажување на тие фотографии. Матијас како жител на Дрезден ја збогатува таа приказна што јас и Кондев сакаме да ја раскажеме, вели Блажев.

Според него, станува збор за тројца различни фотографи со различни ракописи, обидувајќи се да го спојат во една приказна градот Дрезден.

Изложбата е поддржана од годишната програма за проекти од област на култура во интерес на Град Скопје за 2019 година и Дирекцијата за култура и денови на европско Скопје.

На 29 октомври, во градската кафеана „Пелистер” ќе се одржи промоција на книгата „Од летописот на творците за роднокраното Скопје” од Тамара Арсовска. Промоторот ќе биде писателот Васил Тоциновски.

На 30 октомври ќе се одржи работилница на тема „Магијата на портретно овековечени”. Предавач на работилницата ќе биде фотографот Љупчо Илиевски.

На работилницата ќе учествуваат учениците од скопското училиште „Лазар Личеноски”.

Фотографот Илиевски на денешната прес-конференција истакна дека работилницата ќе ја одржи со млада популација која веќе е предодредена да се занимава со уметност, но како што рече, тоа не значи дека оној што сака да чуе нешто повеќе од таа област, да не даде примена, ќе се најде простор за секој кој сака да чуе и да види.

– Оваа година решивме да бидеме малку поедукативни и да направиме една изложба за портрет, бидејќи човекот отсекогаш сакал да се види, да се има да се слика да се фотографира,и како тема сега е многу актуелно и селфи со мобилните телефони, па да го прикажеме портретот од една посебна страна, затоа што портретот бара многу знаења од многу области. Од системот на леќи, до начинот на осветлување, позадини, изборни објекти и така натаму, рече тој.