„Денес, во Париз, македонскиот јазик се изучува како главен предмет и македонистиката може да се изучува и се изучува во рамките на сите циклуси академски студии – од лиценца до докторат“, посочи завчера проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, во своето обраќање по повод меѓународна конференција за македонистиката среде Париз, во Франција, на Националниот институт за ориентални јазици и култури. Таа, навраќајќи се кон забележаното од Блаже Конески, потсети дека Париз бил значаен образовно-научен центар за македонистиката уште во периодот меѓу двете светски војни.

Инаку, оваа конференција во француската метропола следува неколку месеци по одлуката за прифаќање на иницијативата за вклучување на македонистиката во француско-германскиот проект што има за цел да ги мапира ретките дисциплини во Франција и Германија, со што македонистиката доби статус со којшто е гарантирана нејзината заштита и зачувување, но и нејзината самостојност на ИНАЛКО и во Франција.

„Во изминатите години се постигнати значајни резултати во зајакнувањето и афирмацијата на македонистиката во Франција, и тоа токму на реномираниот ИНАЛКО и благодарение на упорноста и професионалноста на проф. д-р Фроса Пејовска-Бушро. Се создаваат и нови перспективи за изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура, преку вклучувањето на македонистиката меѓу ретките научни дисциплини во Франција. А оваа меѓународна конференција е и прва од повеќето планирани во рамките на тој проект, посочи Мојсова-Чепишевска.

Инаку, Конференцијата започна со обраќање на раководителката на Одделот за македонистички студии, проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, по што во рамките на првата сесија беа опфатени теми за преводите на Новиот завет на македонски јазик во 19 век, влијанието на Марко Цепенков и Крсте Петков-Мисирков врз лингвистичките концепции на Блаже Конески, изучувањето на македонскиот јазик како странски, а одделно беа направени и паралели меѓу изучувањето и унапредувањето на францускиот јазик во Македонија и изучувањето и унапредувањето на македонскиот јазик во Франција, а одделно се говореше и околу проект поврзан со граматиката на македонскиот јазик. Исто така, еден реферат беше посветен и на творештвото на Васил Хаџиманов (1906-1969).

Дел од конференцијата се и темите за книжевноста, уметноста, книжевниот превод и издаваштвото, филм за ангелот од Курбиново на Роберт Марто, од 1969 година. Покрај тоа и покрај рефератите и научната дискусија, одделно внимание е посветено и на најновите преводи на дела од современата македонска книжевност на француски јазик – избор од есеистичкото творештво на Горан Стефановски, „Мојот маж“ од Румена Бужаровска и „Страв од варвари“ од Петар Андоновски… Од нашата академска заедница, на Конференцијата учесници се и акад. Катица Ќулавкова, проф. д-р Владимир Мартиновски, проф. д-р Ана Димишковска, проф. д-р Борче Арсов и м-р Ѓоко Здравески, кој во моментов е лектор по македонски јазик на ИНАЛКО. Дел од учесниците од Франција се и семинаристи на школите на МСМЈЛК при УКИМ.