Православните христијани денеска на третиот ден од Божиќ го празнуваат Свети архиѓакон и првомаченик Стефан, кој бил каменуван зашто проповедал дека во Исус не веруваат само лошите луѓе. Именден празнуваат: Стефан, Стефанка, Стефанија, Фанија, Фанка, Стојан, Стојанка, Стојмен, Стоичко. На третиот ден од празникот Божиќ светата православна црква го празнува споменот на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан. Тој е наречен првомаченик затоа што тој прв настрадал за Христовата вера.
Веднаш по слегувањето на Светиот Дух во Ерусалим била формирана христијанска општина, биле избрани седум ѓакони да се грижат за сиромасите, за болните, старите, вдовиците и да ги делат подароците што христијаните ги давале на црквата.
Најстар во тие седум ѓакони бил Стефан поради што бил наречен архиѓакон. Еднаш мноштво Евреи, фарисеи и садукеи се расправале за Исус Христос. Едни тврделе дека е вистински син Божји, други дека е пророк, трети дека е измамник. Тогаш се замешал Стефан кој инспиративно зборувал за Исус Христос напомнувајќи дека во него не веруваат само лошите луѓе. Посрамотените противници што не можеле на Стефан да му се спротивстават со факти веднаш го наклеветиле пред насобраниот народ дека ги навредувал Мојсиевите закони.
Разгневениот народ поверувал на лажните обвиненија и на лажните сведоштва. Го изнесле Стефана надвор од градот и го каменувале. Умирајќи тој се молел на Бога за себе си, но и за тие што го убиле. Во претсмртниот час извикал: „Господе, не земај им го ова за грев.“