Денеска е празник на љубовта и добрите вибрации: Прегрнете ги сите што ги сакате!

80

Светскиот ден на прегратката е празник кој официјално е прогласен во 1986 година во Мичиген, а се одбележува секоја година на денешен ден, 21 јануари. Денот е прогласен по иницијатива на американскиот свештеник Кевин Заборни, кој од 1986 препорачувал прегратки, како начин на борба против недостиг на емотивен контакт.

Бидејќи јануари е месец, кој често е синоним за депресија и лошо расположение, токму затоа е избран 21 ден на овој месец, за да се слават убавите емоции и позитивните вибрации. На денешен ден се повикуваат сите луѓе на планетата да поделат со некого топла и нежна прегратка.

А, прегратката е најубавиот подарок, вели една стара поговорка!

Прегратката гради доверба и чувство на сигурност, а воедно ја зајакнува поврзаноста со личноста која ја гушкаме. Таа е добра за нашиот имунитет, бидејќи ја стимулира жлездата која го поттикнува производството на белите крвни зрнца. Ги опушта мускулите во телото и ја ублажува болката, а најдобро од сè е што прегратката е бесплатна…

Овој човечки контакт има навистина големо позитивно влијание врз психичкото и физичкото здравје. Дури и во најтешките денови прегратката сигурно ќе ви помогне.

Пет до шест прегратки во текот на денот, ќе ви го направат животот подолг и поубав, сметаат психолозите.