Дендиас: И интернет порталите да го користат новото име

25

Грција може да биде најдобриот сојузник и пријател на Македонија и ќе притиска за нејзината евоинтеграција, но клучна е целосна имплементација на Договорот од Преспа од македонска страна, порача грчкиот шеф на дипломатијата Никос Дендиас на денешната средба со неговиот македонски колега Бујар Османи. Дендиас рече дека новото име на земјава треба да има стриктна употреба од сите институции, дури и од интернет порталите и порача властите во земјава да го отсртанат сонцето од Кутлеш онаму каде што тоа сѐ уште не е направено.

Дендиас на кратко зборуваше и за соработката на здравствен план со Македонија и договорот со ЕУ за обезбедување на вакцини на земјите што не се членки на Унијата, но не даде подетална информација кога земјава ќе ја добие ветената помош од јужниот сосед.

Грчкиот шеф на дипломатијата рече дека Атина ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан, затоа што верува дека тоа е единствениот начин за стабилност и безбедност на регионот и ЕУ мора да го одржи проширувањето, но и земјите од регионот мора да продолжат со реформите, особено во делот на владеењето на правото и добрососедските односи.

Македонскиот министер, пак, истакна дека нашите искрени намери се да го надминеме прагот на добрососедството, како коректен политички наратив, и да поставиме основа за изградба на едно подлабоко долгорочно пријателство меѓу двете земји, како највисок израз на успешност на политиката и дипломатијата.

-Како непосреден сосед кој воедно и членка на ЕУ, сметам дека е особено важна принципиелната поддршка од страна на Грција за почеток на преговорите со Северна Македонија, без одложување. Ја цениме оваа поддршка и ја сметам за еден од клучните инпути во создавањето долгорочно пријателство меѓу двете земји. Во истата насока сакам да ја нагласам и соработката во рамките на НАТО, преку аранжманот меѓу двете држави за заштита на воздушниот простор, што во голема мера придонесува за унапредување на довербата меѓу двете земји на политички и безбедносен план, рече Османи.

Шефовите на дипломатиите на двете земји потпишаа три меморандуми за соработка: за цивилна заштита, за соработка на дипломатските академии, како и меморндум меѓу „Invest North Macedonia“ и „Enterprise Greece“. (В.С.Н.)