Делчевци спобудалеа од лото добивки

156

Откако во Делчево во два наврата беа изгребани инстант лозови вредни 600.000 денари, нагло е зголемена побарувачката за инстант игрите на среќа. Според информациите на Вера Тричковска, вработена во едно од најсреќните уплатни места во Македонија, познато како ВЕРА НБ, по последните две добивки кои заедно изнесуваа околу 10.000 евра пораснал и бројот на купувачи на инстант лозовите.

– Делчевци се редовни играчи на среќа, а особено е забележителен трендот на зголемен интерес за купување инстант лозови по последните две големи добивки кои беа изгребани. Тие беа купени на ова продажно место, при што двајца среќници добија по 300.000 денари што на оваа криза мора да признаеме е доста голема добивка. Најмногу играчите на среќа купуваат од разните видови на грепки, а стандардно тука доста се игра и Лото. Впрочем Делчево е познато и по лото добивките. Овде пред неколку години на „Џокер“ се падна добивка вредна околу 50.000 евра што потврдува дека делчевци имаат среќа – вели Тричковска.

Присутните кои беа забележани на среќното уплатно место во Делчево велат дека играат игри на среќа најмалку еднаш месечно.

– Гледаме дека на ова уплатно место често се паѓаат добивки, па решивме и ние да си ја пробаме среќата. Ова е еден вид разонода со која некогаш за малку пари можеш да добиеш цело богатство – вели Иван од Делчево.

Последната вредна добивка во Делчево беше изгребана на 22 јануари, кога делчевецот Миле Георгиевски купувајки лоз му се падна добивка вредна 300.000 денари, а две недели претходно иста сума освои и делчевецот Славче Алексовски.