Властите во американската сојузна држава Невада во неделата соопштија дека ја истражуваат смртта на едно лице откако обилниот дожд остави илјадници луѓе на фестивалот „Burning Man“ заглавени во кал и им порачаа да останат на место и да чуваат храна и вода.
Канцеларијата на шерифот на округот Перишинг во северна Невада соопшти дека смртта се должи на дождот во саботата, но не даде објаснување за причината за смртта, ниту го објави идентитетот на лицето.
„Семејството е известено, а смртта е под истрага“, соопшти канцеларијата на шерифот.
Малку повеќе од 70.000 луѓе сè уште беа блокирани во неделата, јави CNN изјавата на шерифот. Оние кои сакаат да заминат можат само пешки, на околу осум километри до единствениот прооден пат.
Властите побараа од посетителите да останат додека земјата не се исуши доволно за да се овозможи движење на возилата.
Во саботата, посетителот Пол Редер, кој доаѓа на фестивалот 22 години, изјави за Ројтерс дека очекува дека ќе бидат потребни најмалку два дена за областа да се исуши.
Десетици илјади луѓе патуваат во северозападна Невада секоја година и се собираат во привремениот град за да создадат уметност, да танцуваат и да уживаат во заедницата, по цена од 575 долари по лице за редовен билет. Локалните медиуми објавија дека во Блек Рок Сити имало околу 73.000 посетители.
Фестивалот го добил името по централниот настан, палењето на големата дрвена скулптура наречена Човекот на претпоследната фестивалска вечер.
На видеата споделени на социјалните мрежи можеше да се забележи дека посетителите на фестивалот се покриени со кал до глуждови, но расположени.
Локалитетот се наоѓа во пустината Блек Рок во Невада, на големо, рамно езерско корито познато како плаја.
Собирот, кој беше скромен во своите почетоци во Сан Франциско во 1986 година, сега е посетен од познати личности и влијателни на социјалните мрежи. Времетраењето беше закажано од 27 август до 4 септември.
What is stopping you from partying this hard?#BurningMan #BurningMan2023 pic.twitter.com/PdcRNiF2V3
— 🌈 Tess T. Eccles-Brown, PhD (@TTEcclesBrown) September 3, 2023