Две компании заинтересирани за реконструкција и управување со Офицерскиот дом

841

На јавниот повик за јавно приватно партнерство на Офицерскиот дом во Велес се јавиле две заинтересирани компании

Општина Велес минатата недела го распиша јавниот повик  за склучување договор на јавно-приватно партнерство за реконструкција, ревитализација и управување на Офицерскиот дом во Велес, а кој трае до 14 февруари до 12 часот.

Како што информираат од Општина Велес досега на јавниот повик се јавиле две заинтересирани компании, и двете се од Велес. Инаку избраната компанија ќе има право да стопанисува со објектот во наредните 20 години, од кои наредните пет години ќе бидат ослободени од плаќање на месечна кирија како противвредност за реконструкција на објектот. Потоа  во наредните 15 години ќе плаќа кирија која ќе варира во зависност од просечната плата во државата

Градоначалникот Аце Коцевски за медиумите изјави дека очекува Офицерскиот дом да отиде на управување во вистинските раце и дека ова поранешно култно место на граѓаните на Велес ќе го врати некогашниот сјај и имиџ. Воедно, најави дека очекува тука да се отворат стотина работни места.

Владата на барање на локалната власт и градоначалникот Коцевски на седница од 22 мај 2018 од државна и го врати Офицерскиот дом во владение на Општина Велес.

Претходната власт го уреди дворот на Офицерскиот дом во парк, а објектот на Офицерскиот дом планираше да стане Градска куќа со повеќе намени. Но, тој проект остана нереализиран и објектот повеќе години наназад се повеќе се руинира и е запуштен.

За тоа Офицерскиот дом повторно да биде угостителски објект за забава на јавна расправа пред две години одлучија граѓаните на Велес.