Два километра од автопатот Скопје-Блаце ќе се градат 18 месеци

Изградбата на оваа прва фаза од автопатот од граница до селото Блаце ќе чини 12,2 милиона евра, средства на ЈПДП, а останатите 10,5 километри од клучката кај Блаце до клучката кај Стенковец во Скопје се во фаза на проектирање и за нив нема рок за изградба, но се обезбедени средства и тоа грант од 27 милиони евра и заем од 70 милиони евра

66

По две децении обиди и ветувања пролетва треба да почне изградбата на првите два од вкупно 12,5 километри долгиот автопат Скопје-Блаце. Првите два километра од границата до клучката кај селото Блаце, за што ќе се потрошат 12,2 милиона евра, пари на Јавното претпријатие за државни патишта, ќе ги гради Скопски „Гранит“. Надзорот ќе го врши Градежниот институт Македонија – ГИМ.

Изградбата на оваа прва фаза од автопатот треба да трае 18 месеци, а потоа да се продолжи со изградба на останатите 10,5 километри од клучката кај Блаце, кај клучката кај Стенковец во Скопје, која сега е во фаза на проектирање.

На потпишувањето на договорот за изградба на само два километра од овој пат, Владата му даде големо значење. На настанот во Владата освен потписниците, директорот на ЈПДП Зоран Китанов и директорот на „Гранит“, Зоран Милковски, присуствуваа и вицепремиерот Бујар Османи, како координатор на министерска група за реализација на овој проект и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Според нив, иако се  работи само за два километра, битно е што работите конечно почнуваат и веќе нема враќање назад, а освен тоа овој проект е многу битен и приоритетен за Владата, зашто ќе ја подобри трговијата со Косово, која лани пораснала за 30 проценти и ќе го скрати патот од Скопје до Приштина за еден час.

Китанов информира дека првите два километра ќе почнат да се градат пролетва, а по нив ќе може да се вози уште во летото наредната година. Експропријацијата на теренот сè уште не е целосно завршена и остануваат да се експроприраат уште 68 парцели. Според Китанов нема да има проблеми и застои поради тоа, зашто во ЈП има формирано група за експропријација која брзо ја врши работата, а незадоволните можат да тужат само за цената. Османи информира дека државата го откупува приватното земјиште на трасата по цена која достигнува до 50 евра за квадратен метар.

Останатите 10,2 километра од Блаце до Стенковец, кои се на тешка траса на која ќе има четири тунели и девет вијадукти, се во фаза на проектирање, што според Китанов треба да биде готово за 12 месеца, во првиот квартал од наредната година, кога треба да се распише и тендерот за изведувач. За реализација на овие 10,5 километри од патот има обезбедено пари, но нема рок за изведба. За оваа делница одобрен е грант од 27 милиони евра од фондот за Западен Балкан, како и заем од околу 70 милиони евра од ЕБОР, кој треба да се формализира.

-Предвиденото автопатско решение ќе има две коловозни ленти, секоја со по две сообраќајни ленти за возење со ширина од по 3,5 метри и по една лента за застанување од 2,5 метри. Вкупната проектирана ширина на автопатот ќе изнесува околу 27 метри. Предвидени се две клучки, кај Блаце и Стенковец, информира Китанов и додаде дека постојниот пат ќе се рехабилитира уште оваа пролет и ќе служи како алтернативен.

Според Сугарески, оваа делница е дел од рутата 6 од сеопфатната СЕТО мрежа и е важна заради проширувањето на европските патни мрежи кон Западен Балкан. (С.В.)