Двајца од повредените патници во автобуската несреќа се пренесени на лекување во Скопје

123

Давајца од  седумте повредени патници во тешката автобуска несреќа што се случи на автопатот Струма во Бугарија денеска се пренесени на лекување на Универзитетската клиника „Мајка Тереза“ во Скопје.

Од болницата во Софија на лекување во скопската клиника се префрлени пациентка на 17 годишна возраст и пациент на 49 годишна возраст, информира Министерството за здравство.

Министерот за здравство, Венко Филипче, кој ги пречека пациентите,  претходно изјави дека и двајцата се стабилни и се со полесни повреди и оти ќе бидат задржани на лекување на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

-Пациентите ќе бидат задржани на опсервација и согласно тоа колку време треба да останат ќе бидат хоспитализирани после што ќе се направи проценка да се испишат на натамошен домашен третман. Пристигнаа колегите од Психијатрија со цел да се даде и психолошка помош што е многу битно во овој момент.  Целосно сме подготвени да ги преземеме овие пациенти и да продолжи лекувањето , изјави министерот Филипче.

Според најавите од  Министерството за здравство,  другите пет пациенти од несреќата кои се на лекување во Софија, ќе бидат отпуштени во фази во зависност од нивната состојба.

Во несреќата што се случи рано изутрината на 23 ноември на автопатот „Струма“ загинаа 45 лица, а преживеаните седум патници беа хоспитализирани во Софија.