На 23 септември, со почеток во 20 часот, па сè до раните утрински часови следниот ден, ќе се одржи 13. издание на фестивалот на нова музика „Здраво, млади“, кој повторно го носи свежиот звук на светската музика во Скопје.

На пет (5) бини во Младинскиот културен центар, ќе настапат повеќе од 20 артисти од 11 земји од Европа. Како и секоја година, програмата на фестивалот цели кон жанровска разновидност, нови и надежни артисти, како и кон веќе етаблирани музичари.

Во салата „25 Мај“ во МКЦ, популарно позната како Денсинг сала, настанот ќе биде отворен со настапот на рускиот џез-панк состав „Оми“. Ќе следува фолк- сензацијата Џутко и „Плодови земље“ од Хрватска, потоа домашниот состав „Мај Тиар“ со нов состав и најава за новиот албум, хрватската психоделична банда „Немања“, а бината ќе се затвори со долгоочекуваниот настап на хрватскиот антирапер Војко В и на Доуп Куќата.

Киното „Фросина“ е наменето за младите артисти на кои настапот на „Здраво, млади“ им е особен предизвик во нивните кариери што почнуваат. На оваа бина, ќе се проследат настапите на новата ѕвезда на српската поп-музика – Жива, португалската „магионичарка“ на уку лелето – Рита Брага, домашниот џез-фолк состав „Калата“ и францускиот рапер Јоланде Башинг.

Клубот МКЦ е резервиран за електронските артисти на фестивалот. Таму, публиката ќе има можност да ги чуе легендарниот рокенрол изведувач Иан Свенониус со неговиот последен проект „Ескапизам“, францускиот електронски артист чиј настап долго се очекува – YMNK, кралевите на кумбијата – „Маускович денс бенд“, Италијанците „Планет Опал“ и ѕвездите на вечерта, Британците PVA, кои за многу кратко време ќе се искачат многу високо на светските топ-листи.

Џебното кино во МКЦ е резервирано за промоција на литературно-музичкиот колектив „Слово култ“ со настап на тројца електронски артисти, Џејди Зази, Елизабета Костадиновска и Маргарет Аноун.

На платото пред МКЦ, пак, во текот на целата фестивалска вечер, со свој диџеј-сет ќе нè загрева резидент диџејот на „Здраво, млади“, диџеј Фиц, со поддршка од локалните диџеј-уметници Ајнур Касо и Ертунч Сали.

Младинскиот културен центар ветува уште едно спектакуларно издание на фестивалот, кој оваа година е финансиран од Министерството за култура и од Град Скопје, како и настапите на артистите што се дел од програмата „Лајвјуроп“.