Да спречиме африкански и индиски микроорганизми преку храната да бидат внесени во земјава!

Храната со јонизирачко зрачење не е опасна доколку е обележана, а доколку не е постои опасност некои од африканските и индиските микроорганизми да дојдат кај нас. Третирањето на храната со јонизирачко зрачење е иновативна технологија со која се продолжува рокот на траење, квалитетот и безбедноста на храната и воопшто не е штетно.

893

Македонците треба да знаат дали јадат храна што е озрачена, односно третирана со јонизирачко зрачење. Иако звучи опасно, експертите велат дека станува збор за безбедна храна. Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека ваквата храна не е опасна доколку е обележана, а доколку не е постои опасност некои од африканските и индиските микроорганизми да се внесат во земјава. Имено, постапката се врши со цел храната да не се третира со пестициди или со адитиви, како конзерванси, кои ќе ѝ го продолжат рокот, таа контролирано се зрачи, па така се прави еден вид на студена пастеризација или стерилизација.
И директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасовски објаснува дека јонизирачкото зрачење е иновативна технологија со која се продолжува рокот на траење, квалитетот и безбедноста на храната и воопшто не е штетно.
-Кога храната е третирана со јонизирачко значење се уништуваат патогените микроорганизми. Опасноста е поголема доколку на храната стои дека е третирана со јонизирачко зрачење, а не е, па тогаш постои опасност некои од африканските микроорганизми да дојдат кај нас. Оваа храна мора да биде обележана и купувачите да знаат дека купуваат таква храна. Треба уште да се работи во тој дел, бидејќи операторите со храна во Македонија сè уште не се добро запознаени со овој вид храна. Потребно е да ги едуцираме повеќе, бидејќи оваа храна не е опасна, туку се работи за иновативна технологија за поголема заштита на потрошувачите за да спречиме некои микроорганизми од Индија да дојдат кај нас и да ни направат проблем, вели Зоран Атанасов.

Ние формираме посебна група која ќе ги испитува сите тие работи и ќе ги следи промените кои се прават во регионот и во светот, во делот на контрола на храната.

-Така, на пример, во Бразил поради зика вирусот прскаат инсектициди за комарци, храната се третира со пестициди, а ние увезуваме банани и друго јужно овошје, што значи постои опасност да биде увезена таква храна. Затоа ние гледаме какви мерки да преземеме, почесто да земаме мостри, да гледаме кога се пакувани и дали поминал тој каренца период. Ако некаде почесто врнело, по жетвата во житата може да има алфатоксини. Оваа група треба да ги следи овие работи и да нè информира пред да бидат увезени тие производи. Доколку правиме почесто контроли, веројатноста од увоз на вакви производи е помала. Целта е ваквата храна да не стигне до потрошувачот и максимално да се минимизира ризикот кој што може да се појави, вели Атанасов.

Што се однесува до храната со јонизирачко зрачење кај нас регулативата пропишува дека мора да биде обележана со зборовите – озрачена или третирана со јонизирачко зрачење со цел потрошувачите да знаат и сами да изберат дали ќе купат производи со адитиви, органски или третирани со јонизирачко зрачење. Поради тоа, како што велат од АХВ, на декларацијата или на амбалажата на храната мора да биде наведено дали се работи за ваква храна.
Изложувањето на храната со јонизирачко зрачење е сè почесто. Храната се третира со јонизирачко зрачење за да се уништат штетните бактерии, габите и паразитите, да се продолжи рокот на траење на овошјето и зеленчукот, да се стерилизираат одредени пакувања и за многу други намени. Важно е да се потенцира дека оваа храна не е радиоактивна.
Третирањето на храната со јонизирачко зрачење овозможува уништување на микроорганизмите, бактериите, вирусите, инсектите и токсините. (А.С.)